
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека кон средината на септември во Србија треба да биде отворена нова фабрика за дронови, инвестиција што ќе се реализира во соработка со Израел.
„Србија ќе отвори фабрика за дронови, со Израелците“, изјави денеска Вучиќ на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски по нивната средба во Белград.
Вучиќ нагласи дека се очекува фабриката да биде отворена „околу 15 или 20 септември“, но не даде дополнителни детали за локацијата на фабриката, нејзините производствени капацитети, видот на дронови што ќе се произведуваат или вредноста на инвестицијата.
Најавата за отворање на фабриката за дронови, Вучиќ ја даде во одговор на новинарско прашање дали со Зеленски разговарал за воена соработка меѓу Србија и Укаина.

„Денес не разговаравме за никаква воена соработка, не во овој момент. Што ќе се случи кога ќе заврши војната е друго прашање“, додаде Вучиќ.
Србија и Украина потпишаа Меморандум за разбирање за соработка во земјоделството
За време на посетата на Зеленски на Србија потпишан е Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија и Државната служба за безбедност на храната и заштита на потрошувачите на Украина за соработка во областа на здравјето на животните и безбедноста на храната.
Меморандумот го потпишаа српскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Драган Гламочиќ и украинскиот амбасадор во Србија, Олександар Литвиненко, а на потпишувањето присуствуваа и претседателите Вучиќ и Зеленски.
Посетата на украинскиот претседател Зеленски на Србија е долго најавувана и доаѓа три недели по самитот Украина – Југоисточна Европа во Киев, на кој присуствуваше и Вучиќ.




