дома Свет Балкан Дваесет повредени при судир на патнички и товарен воз во Хрватска (ВИДЕО)

Дваесет повредени при судир на патнички и товарен воз во Хрватска (ВИДЕО)

Вкупно 20 лица се повредени утрово при судир на патнички и товарен воз помеѓу станиците Свети Иван Жабно и Градец во близина на хрватскиот град Крижевци.

ХИНА повикувајќи се на извори во хрватското Министерство за здравство јави дека шестмина патници се тешко повредени, а останатите 14 минале со полесни повреди.

„Денеска, 8 август, околу 10:08 часот, примена е пријава за судир помеѓу патнички и товарен воз на железничката линија Загреб – Бјеловар. Во судирот се повредени неколку лица на кои и им е укажана медицинска помош. Истрагата е во тек“, соопшти претходно хрватската полиција.

Во моментот на судирот во патничкиот воз имало околу 20 патници.

Поради судирот пругата е затворена за сообраќај.

Хрватските медиуми јавија дека меѓу повредените е и машиновозачот на патничкиот воз, кој се здобил со посериозни повреди.

Патничка во возот за порталот Индекс.хр изјави дека машиновозачот е сериозно повреден и веројатно „има скршен ‘рбет“.

„Ние, полесно повредените, сè уште чекаме под еден надвозник. Тоа е мал надвозник, а пожарникарите нè симнаа долу. Има неколку противпожарни возила. Малкумината од нас кои имаме малку болки, ќе одиме во болницата во Бјеловар, тие ќе нè однесат. Има пожарникари, брза помош, мислам, ужасна слика, челен судир, од едната страна има воз од Загреб, од другата страна, па, од правец на Бјеловар, товарен воз со околу 15 цистерни, изјави жената.

Патник во возот за порталот Пригорски.хр изјави дека среќна околност што возовите не се движеле брзо.

„Во спротивно ќе имаше вагони надвор од пругата“, изјави тој.

ПредходнаСе помалку жени во Кабинетот на Доналд Трамп
СледнаПоголеми пожари во Сопиште и Волково, се вклучуваат ер тракторите