Концертот „Последна роза на летото“ (Last Rose of Summer) ќе се одржи вечерва во 21 часот во охридската црква „Св. Софија“ во рамките на фестивалот Охридско лето. Ќе настапат Јохана Кезеи на флејта, Дејвид Тобин на виолина и Фингин Колинс на пијано. На програмата се дела од Едвард Елгар, Карл Рајнеке, Џон Филд, Петар Илич Чајковски и од Вилијам Винсент Волас.
Јохана Кезеи се вбројува во групата истакнати млади музичари од Унгарија кои ги освојуваат светските сцени. Настапува со голем број оркестри и диригенти, а моментално живее и студира во Германија каде редовно настапува со Штатскапеле Берлин, како и во оркестарот на Државната опера. Во 2023 година дебитира како солист во „Карнеги Хол“ во Њујорк. Добитничка е на награди и признанија на меѓународни натпревари во Унгарија, Полска, Италија и Холандија.
Дејвид Тобин е еден од водечките ирски класични музичари. Живее и работи во Берлин, а настапува како солист, камерен музичар и концерт-мајстор во разни оркестри. Солистички настапува со Националниот симфониски оркестар на Ирска, со Симфонискиот оркестар во Ахен, со оркестарот РТЕ во Даблин, со Симфонискиот оркестар во Визбаден и со Синфониета во Њујорк. Настапува на бројни фестивали во Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка и Англија.
Пијанистот Фингин Колинс е роден во Даблин во 1977 година и студира на Ирската академија за музика, во класата на Џон О’ Конор и на Конзерваториумот во Женева, во класата на Доминик Мерле. Тој е победник на натпреварот „Клара Хаскил“ во Швајцарија во 1999 година и оттогаш неговата кариера е во подем со концертни настапи низ Европа и низ САД, како и во азиските земји и во Австралија. Настапува со врвни оркестри и со светски признати диригенти, а како солист застанува на сцените на некои од најпрестижните концертни сали во светот. Како солист и камерен музичар настапува на бројни светски фестивали.




