
Еден од најактивните вулкани во светот, Етна еруптира исфрлајќи големо количество вулканска пепел која се прошири низ воздушниот простор, поради што аеродромот во Катанија, во источниот дел на Сицилија, ги суспендираше сите денешни летови најмалку до 15 часот.
Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ) соопшти дека ерупцијата на највисокиот вулкан во Европа продолжува од кратери на надморска височина од 2.750 и 2.360 метри, од кои избива лава.
Според ИНГВ, емисиите на пепел претставуваат опасност за авионите, па затоа е во сила „црвено ниво“ на опасност за воздушниот сообраќај.
Етна доминира на источниот брег на Сицилија, а нејзините ерупции често го нарушуваат сообраќајот на аеродромот во Катанија, кој е најголем на островот и петти најпрометен во Италија.
Управата на аеродромот ги повика патниците да бидат внимателни.
„Со оглед на тоа што ситуацијата значително влијае на работата на аеродромот, ги молиме патниците да го проверат статусот на нивниот лет кај авиокомпанијата пред полетувањето“, соопшти управата, додавајќи дека ситуацијата постојано се следи и дека ќе бидат објавени нови информации во согласност со развојот на вулканската активност и временските услови.




