дома Македонија ЗНМ бара од МВР итна разврска по заканите по живот кон новинарот...

ЗНМ бара од МВР итна разврска по заканите по живот кон новинарот Ерол Ризаов

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара итна разврска на случајот со директните закани по животот, повиците за насилиство и етнички навреди кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов.

– Особено загрижува фактот што дел од коментарите содржат експлицитни повици за негово физичко елиминирање и смрт. Во еден од коментарите се вели: „дали ќе се најде јунак на ова ѓубре подсекушка како ќосето со камата да расчисти“, додека во друг се поставува прашањето: „Нема ли кој да го реши Ерол на експресен начин?!“. Дополнително, во коментарите се упатуваат и етнички засновани навреди кон Ризаов, посочува ЗНМ во реакцијата.

Очекува МВР итно да ги обезбеди и зачува електронските докази, да ги утврди идентитетите на лицата кои стојат зад профилите и да процени дали во конкретниот случај постојат елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување или повикување на насилство и говор на омраза.

– Бараме, доколку се утврдат такви елементи, случајот без одлагање да биде доставен до надлежното јавно обвинителство. Заканите кон новинарите поради нивната работа се сериозен удар врз слободата на изразување и не смеат да се игнорираат. Од исклучителна важност е во вакви ситуации институциите да реагираат навреме и да спречат заканите да прераснат во насилство, велат од ЗНМ.

ПредходнаНајмалку 20 загинати при земјотрес од 7,4 степени во Колумбија (ВИДЕО)
СледнаПартиски реакции по заканите упатени до новинарот Емил Ризаов