дома Македонија Економија Возачите заглавени во правилото 90/180, превозниците од регионот се собираат во Скопје

Возачите заглавени во правилото 90/180, превозниците од регионот се собираат во Скопје

Превозниците од Западен Балкан денеска во Скопје повторно ќе бараат решение за проблемот што сè посериозно го погодува меѓународниот транспорт – професионалните возачи од земјите надвор од ЕУ можат да престојуваат во Шенген најмногу 90 дена во период од 180 дена, иако таму влегуваат поради работа, а не како туристи, објави Racin.mk.

На регионалната средба се најавени претставници на здруженијата на превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Целта е да договорат заеднички чекори кон европските институции и да побараат професионалните возачи да добијат посебен третман.

„Проблемот сè уште не е решен. Средбата се одржува за да ја утврдиме агендата на нашите идни активности“, изјави за МИА Биљана Муратовска од Асоцијацијата на превозници МАКАМ-ТРАНС.

Правилото од 90 дена во период од 180 дена не е ново, но неговата примена стана многу построга со европскиот Entry/Exit System – EES. Системот од 10 април годинава е целосно оперативен на надворешните граници на Шенген и автоматски ги регистрира влезовите и излезите на државјаните од земји кои не се членки на ЕУ, со што практично исчезнува можноста престојот да не биде прецизно евидентиран.

Токму тоа е проблемот за камионџиите кои во текот на работата повеќепати неделно влегуваат во земјите од Шенген. За нив секој работен ден поминат во ЕУ се пресметува во истиот лимит што важи и за краткорочните приватни патувања.

Незадоволството кулминираше во јануари, кога превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора ги блокираа товарните терминали на повеќе гранични премини. Тие предупредија дека ограничувањето може да доведе до недостиг на возачи, поскап транспорт и сериозни проблеми за компаниите што превезуваат стока меѓу Западен Балкан и ЕУ.

Европската комисија тогаш најави поголема флексибилност за категории професионалци кои често патуваат, меѓу кои и возачите, но конкретно трајно решение за нивното изземање од правилото 90/180 досега не е договорено.

Превозниците сега од Скопје треба да утврдат како заеднички ќе настапат пред Брисел и кои следни чекори ќе ги преземат доколку статусот на професионалните возачи не биде променет.

ПредходнаНиколоски ја очекува првата испорака на новите електрични автобуси во декември или јануари
СледнаНа денешен ден пред 34 години Македонија ги доби знамето и химната „Денес над Македонија“