
Во силниот земјотрес што вчера го погоди западниот дел на Колумбија според последните биланси загинаа најмалку 224 лица, соопштија колумбиските власти. Спасувачите сè уште ги пребаруваат урнатините, па се очекува билансот на жртвите да се зголеми дополнително.
Земјотрес со јачина од 7,4 степени ја погоди Колумбија вчера во 7:34 часот по локално време (14:34 по средноевропско време). Епицентарот беше во Сан Хозе дел Палмар во департманот Чоко, на длабочина од 103 километри под површината на земјата.
Според Колумбискиот геолошки институт, ова е најсилниот земјотрес регистриран во Колумбија во 21-от век.
Меѓу најтешко погодените градови се Кали и Переира. Според најновите податоци од кризниот штаб во Кали, во тој град загинале најмалку 95 лица, а 949 се повредени. Властите добиле извештаи за 239 лица заробени под урнатините на зградите, од кои досега се спасени 86. Целосно или делумно се урнати 45 згради, а 93 други се оштетени.
Во Переира пак се пријавени 72 загинати. Цели станбени блокови во градот се претворени во купишта бетон и метал. Спасувачките екипи, со помош на полицајци, војници и бројни граѓани, ги отстрануваат урнатините со багери и голи раце.
Според претставникот на Колумбискиот црвен крст, Хозе Фернандо Усма, спасувачите регистрирале звуци и други знаци на некои локации што би можело да укажува дека сè уште има живи луѓе под урнатините. Тој нагласи дека следните неколку часа ќе бидат клучни за пронаоѓање преживеани.
Се урна дел од болница, стотици пациенти се лекуваат на улица
Особено драматична ситуација е забележана во болница во Кали. Неколку од нејзините горни катови, вклучително и одделот за педијатрија, се урнаа. Некои пациенти беа заробени под урнатините, додека околу 600 пациенти мораа да бидат лекувани на улицата пред оштетената зграда.

Исто така, голема штета е предизвикана и во Манизалес, каде што се урна една од кулите на неоготската градска катедрала. Земјотресот предизвика штети и на транспортната инфраструктура, а сообраќајот на неколку регионални аеродроми беше привремено прекинат.
Претходните вкупни податоци зборуваа за околу 1.600 оштетени згради и најмалку 61 целосно урнати. Обемот на штетата и бројот на жртвите сè уште се утврдуваат, особено во тешко достапните реони на Чоко, кој е сиромашна и пошумена област каде што транспортните и комуникациските врски се ограничени.
Регистрирани најмалку 47 последователни потреси
Колумбискиот геолошки институт до синоќа регистрирал најмалку 47 последователни потреси, од кои најсилниот бил со интезитет од 4,8 степени. Сеизмолозите предупредуваат дека потресите можат да продолжат со денови, недели или дури месеци.
Поради пријави за грабежи, властите воведоа полициски час во текот на ноќта во Кали и Переира. Колумискиот претседателот Абелардо де ла Есприела најави распоредување на дополнителни 1.000 припадници на безбедносните сили во Кали. Откако ја помина ноќта во тој град, денеска тој се упати кон Ехе Кафетер, колумбискиот регион познат по одгледувањете кафе, каде се наоѓа и Переира.
САД најавија помош од 15,5 милиони долари за привремено сместување, храна и други итни потреби, а помош понудија и други земји во регионот, меѓу кои и Мексико, Салвадор и Чиле.
Земјотресот предизвика потреси во голем дел од Колумбија, вклучувајќи го и Богота, а беше почувствуван и во соседните држави.
Пацифичкиот регион на Колумбија се наоѓа на Огнениот Прстен, исклучително сеизмички активна област што го опкружува Тихиот Океан.




