Трамп пристигна на самитот на НАТО во Анкара со неодамна реновиран авион дониран од Катар, но неочекувано користеше постар „Ер Форс Уан“ за да ја напушти земјата, што покрена прашања за безбедноста на новиот авион.
Таен трансфер
Патувањето до самитот на НАТО беше првото меѓународно патување за новиот авион, чија брза модификација покрена прашања за цената и безбедноста, а се случи во време на ескалација на непријателствата со Иран, кој граничи со Турција.
Пред да ја напушти Анкара, Трамп објави на „Truth Social“ дека „заради старите времиња“ ќе лета до британската база RAF Mildenhall со постар, светло син Air Force One, додека новиот авион ќе застане во истата база за да можат американските војници стационирани таму да го видат.
Откако Трамп се качи на стариот авион „Ер Форс Уан“ пред камерите во Анкара, тој беше тајно транспортиран со возило за достава на храна на аеродромот до помал авион, „Ер Форс Ц-32А“, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на американски функционер запознаен со операцијата и документите што ги прегледал.
Закана за Трамп
Слична операција беше спроведена во 2000 година, кога претседателот Бил Клинтон отпатува за Пакистан со необележан службен авион, додека официјалниот „Ер Форс Уан“ служеше како мамка. Овој пат, новинарите кои веруваа дека патуваат со Трамп во постариот „Ер Форс Уан“, кој всушност служеше како мамка, добија инструкции да ги спуштат ролетните на прозорците во прес-кабината.
„Пост“ објави дека, покрај новинарите, и некои вработени во Белата куќа верувале дека претседателот бил во авионот. Кога новинарите подоцна го прашале зошто морале да ги држат ролетните спуштени за време на летот, Трамп одговорил дека причината веројатно била затоа што биле „на опасен лет“. „Но, ако јас одам, и вие одите. Нели?“, додаде тој.
Ц-32А со кој се наоѓаше Трамп полета за Велика Британија и пристигна околу 22:20 часот, додека постариот „Ер Форс Уан“ и новинарите пристигнаа неколку минути подоцна, објави „Вашингтон пост“. Весникот наведува дека не е јасно како Трамп бил префрлен од Ц-32А назад во постариот „Ер Форс Уан“.




