дома Технологии Дали фотографирањето на затемнувањето на Сонцето може да ја оштети камерата на...

Дали фотографирањето на затемнувањето на Сонцето може да ја оштети камерата на мобилните телефони?

Ако сакате да го снимите затемнувањето на Сонцето со вашиот мобилен телефон, на камерата ќе се појави виолетова точка што ќе остане засекогаш. Ваквото предупредување се појави на социјалната мрежа ТикТок, што предизвика паника меѓу корисниците на паметни телефони.

„На вашата камера може да и се случи истото што и на вашите очи: светлината може трајно да го оштети вашиот објектив и сензор“, се вели во друго предупредување на ТикТок.

Но, дали е тоа точно? Може ли камерата на вашиот мобилен телефон да се оштети кога го фотографирате Сонцето? И колку често се случува тоа?

Според експертите, ваквите предупредување не можат веднаш да се исклучат, затоа што се направени малку истражувања за ова прашање.

Тие посочуваат дека во голема мера тоа зависи од камерата, објективот и климатските услови. Уред со поголем отвор на блендата или посилен телеобјектив може побрзо да се оштети.

Физичарот Филип Тасин од Универзитет „Чалмерс“ од Шведска објаснува како функционира тоа.

„Едноставно кажано: објективот на вашата камера всушност работи како лупа. Тој ја концентрира сончевата енергија на многу мал и кршлив чип во вашиот паметен телефон. Како резултат на тоа, важни делови од тој чип можат да се прегреат и да се стопат или изгорат“, вели Тасин.

Според него, уредот може да се справи со одредена светлина, па снимањето неколку фотографии, во принцип, не би требало да биде проблем.

Алберт Тојвисен, поранешен професор по електротехника на Технолошки универзитет во белгискиот град Делфт вели дека идејата да се снима Сонцето е лоша, без разлика дали е затемнување или не.

Експертите посочуваат дека ризикот е поголем кога се снима со статив.

„Кога камерата е неподвижна, топлинското оптоварување на тоа мало место е поголемо. Затоа, бидете уште повнимателни кога снимате со статив. Тогаш тоа е секогаш истото место каде што влегува светлината“, велат тие.

Она што сигурно не би го препорачал е снимање видеа од Сонцето во траење од неколку часа.

На пример, го гледате истото за време на снимки од концерти. Снимките се снимаат од многу светли рефлектори, а тоа не ги оштетува камерите. Сепак, не треба да ја насочувате камерата кон моќен ласер. Ласерите можат да фрлат неверојатна количина светлина врз сензорот, а потоа може да се појават проблеми.

Покрај тоа, кај паметен телефон, објективот и зголемувањето честопати не се доволно силни за да го фатат Сонцето на таков начин што би се оштетил сензорот.

Мобилните телефони имаат фиксен и прилично голем отвор на блендата. Тука е можно да се користи оптички филтер, како што се очила за затемнување. Тоа исто така може да резултира со подобра фотографија.

Сепак, научниците не можат да дадат никакви гаранции. Во минатото се пријавени случаи каде што камера била оштетена од ласерска светлина. НАСА, исто така, препорачува да ја заштитите вашата камера, исто како и вашите очи, бидејќи ако сензорот на вашиот уред претрпи штета, тоа е неповратно.

ПредходнаСледуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме – велат од УХМР
СледнаПрогласена епидемија на Западно-нилска треска во пет скопски општини, здравствените власти тврдат дека нема место за паника, апелираат да се почитуваат мерките за заштита