
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се подготвува за соочување со земјите од ЕУ околу плановите за прием на нови членки, при што има само неколку недели да ги убеди дека може да се справи со ризиците од проширувањето на блокот, наведува брислексиот портал „Политико“.
Според порталот, Европската комисија подготвува предлог за промена на правилата за новите членки, кој ќе биде ставен на резгледување пред шефовите на држави или влади на членките на ЕУ на заседаниетот на Европскиот совет на 15 октомври.
Тројца високи функционери кои работат на ова прашање, а кои побараа анонимност, во изјави за „Политико“ тврдат дека реформата има за цел да ја смири загриженоста дека ќе биде уште потешко да се носат одлуки и да се распределуваат ресурсите ако блокот се прошири.
Црна Гора се надева дека ќе се приклучи на ЕУ до 2028 година, Украина и Молдавија планираат да ја следат, а Исланд размислува дали да ги обнови разговорите за членство.

„Политико“ наведува дека додека владите на ЕУ јавно го поддржуваат нивното приклучување, земји како Франција, Германија и Холандија изразија противење на пребрзото проширување, загрижени дека новите членки би можеле да ги променат владите и да ги блокираат клучните политики, како што се случи со Унгарија под поранешниот премиер Виктор Орбан.
„Постои причина зошто процесот на проширување трае со децении. Стравот е затоа што внесуваме тројански коњ“, изјавил дипломат од земја која е скептична кон идното проширување.
Порталот потенцира дека и покрај тоа што Фон дер Лајен постојано инсистира дека проширувањето е геополитичка неопходност, таа ризикува да претседава со најдолгиот период во историјата без прием на нови членки, доколку не успее да го деблокира системот пред да ја напушти функцијата во 2029 година.
Во март, амбасадорите на земјите членки на ЕУ и порачаа на Европската комисија дека плановите за забрзување на процесот на проширување се нефункционални.
Еврокомесарот за проширување Марта Кос за „Политико“ изјави дека Брисел ја препознава потребата од „зајакнување на политичката поддршка на сите 27 земји членки“ и потврди дека „Комисијата наскоро ќе даде предлози за тоа како да се подготви за поголема Унија“.

Тоа ќе вклучува зацврстување на правата и одговорностите на новите членки, како и заштитни мерки дизајнирани да им ја одземат можноста да ги попречат одлуките ако не ги исполнат своите обврски. Конечните детали околу тоа сè уште се чуваат во тајност, наведува порталот.
Според „Политико“, Црна Гора почна да го подготвува својот договор за членство, додека Украина, Молдавија, Албанија и другите работат на имплементација на неопходните „групи“ реформи. Но, тие можат да одат толку брзо, колку што ќе дозволат членките на ЕУ.
„Направивме сè што можеме на техничко ниво. Сега ни требаат одлуки на политичко ниво“, вели еден дипломат од земја која го поддржува приемот на нови членки во ЕУ.
Процесот се покажува како тежок. Орбан можеби повеќе не е на власт, но Унгарија сè уште не даде зелено светло за отворање на сите преговарачки поглавја со Украина и Молдавија.
„Постои мал притисок врз Унгарија да го направи тоа“, вели европски дипломат, тврдејќи дека октомврискиот Самит ќе биде шанса да се изврши притисок врз Будимпешта.




