
Минатонеделната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Србија предизвика низа бурни реакции низ целиот Балкан. Зеленски во Белград првпат се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, изјавувајќи дека Украина нема да ја признае независноста на Косово, што дополнително ја влоши ситуацијата во регионот, пишува бриселскиот портал „Политико“.
Одговорот од Косово пристигна речиси веднаш. Големиот сино-жолт транспарент со натпис „Слободна Украина“ поставен во 2022 година, беше отстранет од главниот булевар во Приштина. Приштинскиот градоначалник Перпарим Рама рече дека сочувствува со „луѓето кои се соочуваат со војна, насилство и прогон“, но додаде дека „почитта мора да биде взаемна“.
„Политико“ наведува дека по посетата на Зеленски, Вучиќ се закани дека Србија физички ќе го пренасочи текот на реката Ибар како одговор на уривањето на куќи во сопственост на Срби на бреговите на вештачка акумулација во Косово. Таквиот потег би ја исушил акумулацијата од која со вода се снабдува поголемиот дел од Косово, а таа се користи и за ладење на најголемата косовска електрана.
Во меѓувреме, српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ и албанскиот премиер Еди Рама јавно се расправаат на социјалната мрежа икс. Рама ја обвини Србија дека живее во „политички меур“ и не го прифаќа фактот дека „одамна го загуби Косово“.
„Косово, со мнозинско албанско население, беше јужна покраина на Србија во поголемиот дел од 20-от век. По децении репресија, која ги укина широките политички права од југословенската ера, избувна вооружен конфликт во 1998 и 1999 година. Тримесечната воена интервенција на НАТО ги потисна српските сили, а Косово беше ставено под администрација на Обединетите нации. Независноста беше прогласена во 2008 година и досега е призната од повеќе од 100 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и 22 од 27-те членки на Европската унија. Косово е исто така потенцијален кандидат за членство во ЕУ, откако ја поднесе својата апликација во декември 2022 година“, наведува „Политико“.
Порталот оценува дека рускиот претседател Владимир Путин често го користеше статусот на Косово како аргумент за да ја оправда инвазијата на Грузија во 2008 година и анексијата на Крим во 2014 година.
Косовскиот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца изјави дека „со жалење“ ги забележал ставовите на Зеленски. Тој додаде дека таквата реторика потсетува на „обидите на Русија да се повика на Косово како преседан“.
Што стои зад тоа?

„Политико“ наведува дека се поставува прашањето зошто украинскиот лидер одлучи воопшто да се вклучи во сложените балкански односи. Одговорот веројатно лежи во оружјето. Србија, на крајот на краиштата, сè уште произведува значителни количества муниција од советски калибар, која Киев не може да ја добие од своите западни сојузници, бидејќи тие ги користат стандардите на НАТО, додава порталот.
Украинската војска сè уште во голема мера се потпира на тешки хаубици и тенкови од советската ера, кои се клучни за борбите во Донбас. И покрај неговиот проруски став, Вучиќ се чини дека е подготвен дискретно да ја испорача оваа муниција на Киев.
„Украина е во позиција да не може да се справи со ништо освен со своите најитните потреби и Вучиќ во моментов е важен за неа“, објаснува раководителот на Центарот за студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер.
Маневарот на Вучиќ кон Брисел
Приближувањето на Вучиќ со Зеленски би можело да биде и обид за ублажување на критиките од Брисел. Лидерите на Европската Унија го осудија насилството за време на антивладините протести во Србија и предупредија на „колапс на демократските стандарди“.
„Тој се надева дека во наредните месеци ќе добие помалку критики поради неговите блиски или барем симболично поблиски врски со Зеленски. Вучиќ го прави ова за да ја зајакне својата позиција пред ЕУ пред можните избори во земјата“, смета Бибер.
„Политико“ додава дека поддржувачите на косовската независност долго време го претставуваат како единствен случај, а не како модел за другите, но сепак околностите на одвојувањето од Србија остануваат предмет на спор, особено за некои членките на ЕУ, како што се Шпанија и Кипар, кои се соочуваат со свои сепаратистички движења и одбиваат да го признаат Косово.
„Во зависност од тоа која страна ја поддржувате во овој спор, ќе имате и различно мислење за тоа што значи независноста на Косово за другите конфликти и територијални спорови низ целиот свет“, заклучува Бибер.




