дома Свет Шега на австралискиот премиер за подарените јапонски дињи предизвика бура во Австралија,...

Шега на австралискиот премиер за подарените јапонски дињи предизвика бура во Австралија, Јапонија воздржана 

Австралискиот премиер Ентони Албанезе е изложен на жестоки критики од опозицијата по шегата за подарокот што го доби од неговата јапонска колешка Санае Такаичи за време на нејзината посета на Австралија во мај годинава.

Сè започна со посетата на Такаичи на Австралија, при шти таа како подарок за Албанезе му донесе две дињи. Станува збор за јапонски „крунски дињи“, кои чинат по речиси 150 евра парче.

Снимката од моментот кога го прима подарокот покажува дека Албанезе изгледа малку збунето, но сепак и натаму е со широка насмевка.

И можеби се ќе останеше на тоа, ако Албанезе не се наврати на подарените дињите при гостување во подкастот „Буш Дип“ на австралиската инфлуенсерка Ники Озборн.

Озборн го прашува Албанезе кој е најглупавиот подарок што некогаш го добил, на што австралискиот премиер речиси веднаш ги споменува јапонските дињи.

Албанезе вели дека кога ги добил дињите од почеток му биле „малку чудни“, но на крајот се испоставило дека се „многу вкусни“.

Озборн прашува и дали можеби јапонската премиерка ги прошверцувала дињите во Австралија, имајќи ги предвид строгите прописи за увоз на егзотични производи во земјата.

„Значи, таа дојде како Памела Андерсон“, изјави Озборн, на што Албанезе покажа со рацете на градите.

Во почетокот подкастот не предизвика посебни реакции, се додека неколку дена по неговото емитување на се огласи поранешниот јапонски амбасадор во Австралија, Шинго Јамагами со коментар за австралискиот весник „Аустрелиан“.

Јамагами оцени дека станува збор за „сексистичка шега“ што може да се одрази врз „блиските односи меѓу Австралија и Јапонија“.

„Последното нешто што го очекуваше премиерката Такаичи беше да ќе биде толку лежерно навредена од еден доверлив сојузник на Јапонија“, изјави Јамагами.

Потоа следуваат жестоки критики од страна на австралиската опозиција. Лидерот на опозициската Либерална партија, Ангус Тејлор изјави дека забелешките на Албанезе се „под нивото на еден премиер“ и побара извинување до Јапонија.

„Забелешките беа навредливи и премиерот мора лично да се извини. Гледам голема доза на лицемерие во врска со ова прашање“, изјави Тејлор.

Особено остра во критиките беше истакнатата пратеничка на либералите Џејн Хјум, која оцени дека коментарите на Албанезе била „гнасни“ и „несоодветни“.

Но, Албанезе ги отфрли ваквите критики, истакнуваќи дека се крева голема врева околу нешто тривијално. Кога за време на парламентарна седница му беше поставено прашање за неговата „груба забелешка“, Албанзе одговори: „Ги отфрлам тврдењата за ова прашање.“

На слична позиција беа и дел од министрите во австралиската Влада. Министерката за природни ресурси Мадлен Кинг изјави дека коментарите на премиерот биле „извадени од контекст“, а министерот за земјоделство Мареј Ват рече дека „зборовите не биле разбрани“.

Во сличен тон се огласи и јапонската Влада која оцени дека коментарите на Албанезе „не биле такви како што се изнесени во медиумите“.

Јапонија во почетокот го игнорираше прашањето, но мораше да одговори поради големото медиумско внимание на случајот во Австралија.

Актуелниот јапонски амбасадор во Австралија изјави дека Токио е свесен за медиумските извештаи, но дека австралиската Влада разјаснила оти коментарите на премиерот „не биле онакви како што се појавија во медиумите“.

Амбасадорот, исто така, нагласи дека односите меѓу Јапонија и Австралија остануваат силни и дека посетата на премиерката Такаичи се одржала во „пријателска и опуштена атмосфера“.

ПредходнаЃорѓиевски најавува реакција на институциите за ширењето на паника меѓу скопјани
СледнаАвтомобил на водород оствари брзина од 654 километри на час (ВИДЕО)