Вчерашниот ден беше најтежок од почетокот на новата сезона на пожари, со регистрирани најмалку 52 пожари на отворен простор, од кои 46 се изгаснати, а шест останаа активни, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Покрај активните пожари, Ангелов посочи дека најголем предизвик се жариштата во општините Студеничани и Македонски Брод, додека прилепскиот пожар е ставен делумно под контрола.
Вчерашниот ден беше најтежок од почетокот на новата сезона на пожари. Имавме најмалку 52 пожари на отворен простор. Благодарение на целодневната борба на локалните пожарникари, 46 од нив си изгаснати, шест останаа активни во текот на денешниот ден. Покрај овие шест пожари кои што горат од вчера, во текот на денешниот ден се појавија повеќе нови пожари. Еден од најтешките е пожарот кој што изби во непосредна близина на Прилеп, покри магистралниот пат кон Битола – вели Ангелов.
Во однос на пожарот во Прилепско, тој додаде дека огнот предизвикал и материјална штета на теренот.
Во овој момент, овој пожар е поставен под делумна контрола, очекувам набругу да биде ставен под целосна контрола. За жал, во пожарот настрада штала во која што била складирана одредена количина на тутун. Покрај овој пожар, најголем предизвик за нас е пожарот на територијата на Општина Студеничани – рече Ангелов.
За пожарот во атарот на селото Рамни Габер во Општина Студеничани, директорот објасни дека се одвива на екстремно непристапен и стрмен терен каде дејствуваат ер трактори и специјални тимови на ДЗС.
Во текот на вчерашниот ден, врз овој пожар, дејствуваат три ер трактори на Дирекцијата, исто така и четири огнени тимови на дирекцијата со четири пинцгауери. Во текот на денешниот ден, повторно дејствуваат ер тракторите, како и специјалните тимови на Дирекцијата за зашита и спасување, како подрашка на пожарникарите од скопската бригада. Бидеќи пожарот се одвива на екстремно непристапен и стрмен терен, полн со густо жбуње, некаде и густи дрвја, неговото гасење е отежнато – појасни директорот на ДЗС.
Сложена е состојбата и во општина Македонски Брод кај селото Драгов Дол, каде е активиран модулот на ДЗС за шумски пожари со 25 доброволни пожарникари и петмина оперативци.
Тие рано утрово започнаа искачување кон овие тешко пристапни предели, неколку часа подоцна дојда до местото на линијата на оган и има исклучително успешно дејствување врз поголем дел од еден крак. Останува оган уште во еден дол, оптимист сум дека денеска и утре овој пожар ќе биде целосно изгаснат – потенцираше Ангелов.
Активни пожари се регистрирани и во Босилово, Новаци, Крива Паланка и Могила, поради што Ангелов упати апел за максимална претпазливост.
За жал, во текот на денешниот ден, повеќе од сигурно, ќе се појават и нови пожари, поради што, по којзнае кој пат, апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни. Бројката од педесет пожари ги исцрпува нашите ресурси, а секојдневната битка со десетици пожари, навистина е тешка да се извојува. Поради тоа, апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, бидеќи доволна е само една искра да се случи вистинска катастрофа – заклучи Ангелов.




