Повеќе од сериозна е состојбата со пожарите во Албанија, посебно во предградието на Тирана, потоа кај Круја и Националниот парк “Лура”, кои се вон контрола.
Пламените јазици од планинската падина се проширија кон Лундра во Тирана приближувајќи се кон домовите и хеликоптерската база во Фарка. Поради неможноста да се интервенира од воздух, во текот на ноќта, ангажирани се оперативни сили за спречување на понатамошното ширење на пожарот.
-Сериозна, ситуацијата е и во Круја, каде гори неколку дена и Националниот парк “Лура” каде пожарот беснее два дена. Силниот ветер и непристапниот планински терен го олеснуваат ширењето на пламенот и им отежнуваат на силите на терен да интервенираат, изјави доцна синоќа, министерот за одбрана Ермал Нуфи.
Не ја отфрли можноста и за евакуација на населението во овие делови.
-Ситуацијата во Круја е една од најопасните ситуации што сме ги имале во последните 4 години. Сериозна е состојбата и во Фиер и Мирдита а пожар се појави и во Вау и Дејас кој се движи кон Коман ( каде се истоимените хидроелектрани). Тука помагаат противпожарни екипи од неколку соседни градови, рече Нуфи.
Според него ова лето се поподготвени од кога било во справувањето со цивилни вонредни состојби.

-Во активна состојба се 5 хеликоптери на вооружените сили, како два авиони „Ер Трактор“. На терен се ангажирани над 750 оперативни сили кои се соочуваат со пожарите, има 75 возила, 30 се од вооружените сили, рече Нуфи.
Упати апел до граѓаните да бидат посвесни, потсетувајќи ги дека предизвикувањето пожар е сериозно кривично дело и се казнува со затвор до 15 години.





