дома Свет Захарова: Русија не сака примирје со Украина во Црното Море врз основа...

Захарова: Русија не сака примирје со Украина во Црното Море врз основа на половични решенија

Русија ја отфрла идејата за примирје со Украина во Црното Море, бидејќи тоа би било половично решение кое само ќе ѝ даде време на другата страна да се одмори, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Таа при тоа ја обвини Украина за „дрски терористички напади“ врз бродови во Црното Море.

„Овие напади се намерна политика за дестабилизација на пловидбата во Црното Море, сè со цел ескалација на тензиите и продолжување на конфликтот, со одобрение на регионалните соседи. Не гледаме дека ситуацијата се подобрува и затоа нема основа за половични решенија кои само ќе му дадат време на режимот во Киев да се одмори, додаде Захарова.

Портпаролката на руското МНР истакна дека нејзиниот коментар претставува реакција на изјавите на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој информира дека Анкара на Москва и на Киев им предложила мораториум за операции во Црното Море, нагласувајќи дека Русија не добила некаков официјален предлог од страна на Турција.

Изјавата на Захарова следи по медиумските информации дека Украина преку посредник ѝ испратила понуда на Русија за договор двете земји да престанат со напади врз цивилни цели во Црното Море и дека се уште чека на одговор на понудата.

Русија и Украина, кои се меѓу водечките извозници на глобалниот пазар на храна, се обвинуваат меѓусебно за интензивирање на нападите врз бродовите што се користат за транспорт на земјоделски производи.

Руската блокада на украинските пристаништа на Црното Море во регионот на Одеса предизвика пад на украинскиот извоз на жито за 76 проценти на годишно ниво, а земјоделскиот сектор предупреди на огромни последици за економијата ако таа продолжи.

ПредходнаСпречени три обиди за шверц на мигранти од Балканот кон Западна Европа
СледнаЛавров: Веруваме дека САД се вклучени во украинските напади врз Русија