дома Македонија Црна хроника 40 пожари низ Македонија, шест активни – Нов пресек на ЦУК за...

40 пожари низ Македонија, шест активни – Нов пресек на ЦУК за состојбата

До 7:30 часот утрово во земјава се регистрирани вкупно 40 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, три се ставени под контрола, а 31 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите во Општина Студеничани, над селото Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума, како и во Македонски Брод, на местото Видуш, кај селото Драгов Дол, каде што се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Пожар има и во Општина Битола, во селото Лопатица, каде што гори ниска вегетација, како и во Општина Новаци, во селата Маково, Мојно и Брник, каде што се зафатени ниска вегетација и деградирана шума.

Активен е и пожарот во Општина Крушево, на потегот од селото Алданци до селото Норово, каде што гори нискостеблеста деградирана дабова шума, како и во Општина Велес, во селото Слп, каде што огнот зафатил шума.

Под контрола се три пожари – на депонијата во Општина Делчево, во Општина Могила, во селата Лознани и Вашарејца, каде што гори ниска вегетација, и во Општина Јегуновце, во селото Копанце, каде што е зафатена шума.

ЦУК информира дека во текот на изминатото деноноќие се изгаснати вкупно 31 пожар на отворен простор.

Изгаснати пожари има во Општина Сарај, во селата Сарај, Семениште и Раовиќ, во Општина Прилеп, на повеќе локации, како и во Општините Кривогаштани, Крушево, Долнени, Ново Село, Василево, Охрид, Струга, Кичево, Чашка, Велес, Кавадарци, Куманово, Липково, Јегуновце, Тетово, Врапчиште и Гостивар.

Според ЦУК, пожарите биле предизвикани од горење ниска вегетација, стрништа, грмушки и шума, но биле зафатени и депонии, железнички прагови, објекти и други материјали.

ПредходнаДУИ со критики до МВР: Само 7 проценти од новопримените полицајци се Албанци
СледнаПочнува Богородичниот пост