Околу 1.800 жители на селото Геј во општината Хиртгенвалд, во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, се евакуираат поради шумски пожар што се појавил на околу 400 метри од населбата.

Пожарот зафатил околу 25 хектари шума, а кризниот тим на округот Дирен е активиран поради ризик од ширење на пожарот, објави Билд.
На жителите им е наредено да го напуштат подрачјето и да ги земат само најнеопходните работи, вклучувајќи документи и лекови.
Основното училиште Штрас е назначено за место за собирање на евакуираните.
Највисокото ниво на предупредување, „екстремна опасност“, е издадено преку германскиот систем за предупредување NINA.
Пожарникарите се борат со пожарот од четврток попладне, а во гаснењето во текот на денот учествувал и хеликоптер.
Некои патишта се затворени поради пожарот.
И покрај ширењето на пожарот, досега нема пријавени повредени.
Причината за пожарот засега е непозната.




