
САД сакаат да ја проценат лојалноста на сојузниците во НАТО кон надворешната политика на американскиот претседателот Доналд Трамп, пред да одлучат за потенцијално повлекување на американските трупи од Европа, наведува Блумберг.
Ова е видливо од прашалникот дистрибуиран меѓу сојузниците, во кој увид имал Блумберг, со кој Вашингтон, меѓу другото, сака и да ја процени јавната поддршка од различни земји за САД.
„Дали јавно ја поддржувате американската надворешна политика? Какви ограничувања наметнавте за користење на воените бази за американските војници?“, се само некои од прашањата од прашалникот што сојузниците од НАТО го добиле од САД. Прашањата генерално го мерат степенот до кој сојузниците ја поддржуваат американската надворешна политика и колку се лојални на Вашингтон.
Покрај прашањата за нивната поддршка на американската политика во врска со војната со Иран, се поставуваат прашања и за трошоците за одбраната на различните земји на НАТО и за степенот до кој тие купуваат оружје и друга опрема од американските компании.

Прашалникот е дел од пошироката проценка на САД за военото присуство во Европа. Таа проценка, која американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ја објави во јуни, треба да биде завршена до декември 2026 година. Притоа, Вашингтон испитува кои американски трупи и воени капацитети остануваат неопходни во Европа и каде потенцијално може да се направат намалувања.
Ова намалување не се однесува само на бројот на американски војници. Исто така, се преиспитува и присуството на стратешки бомбардери, беспилотни летала, поморски бродови и други американски воени капацитети кои можат да бидат распоредени за одбрана на европските сојузници во НАТО, како и инфраструктурата и базите.
Вашингтон веќе објави планови за повлекување на приближно 5.000 американски војници од Германија без целосно да ги замени.
Но, во исто време, претседателот Трамп се одлучи за зголемено американско присуство на други места: на пример, тој најави дополнителни американски војници во Полска. Како резултат на тоа, американското присуство не мора да се намали насекаде, туку ќе биде различно распоредено низ Европа.

Американскиот прашалникот не само што ги проценува одбранбените напори на европските сојузници, туку и директно ја оценува поддршката за претседателот Доналд Трамп и неговите политики.
Тоа покренува прашања, дали земјите на НАТО можат политички да му се спротивстават на Вашингтон, а истовремено целосно да ги исполнуваат своите воени и финансиски обврски во Алијансата.
Експертите проценуваат дека доколку американската воена заштита во пракса стане зависна од политичката поддршка за политиките на Трамп, тоа би ја променило природата на трансатлантските односи.
Дополнително, тоа се надоврзува на добро познатата критика на Трамп кон европските земји за наводно трошење премалку за одбрана. На самитот на НАТО во Хаг во 2025 година, сојузниците веќе се согласија за издвојување на пет отсто од БДП до 2035 година за инвестиции поврзани со одбраната и безбедноста.
Американската Влада очигледно сега сака да знае како и кој ги добива тие дополнителни европски трошоци за одбрана.




