
Француски државјанин и неговите двајца малолетни синови беа спасени откако нивниот џет-ски се превртел, по што минале 16 часа во морските вори крај брегот на Тајланд.
Таткото го изнајмил пловилото во доцните попладневни часови во местото Ко Самуи, популарна туристичка дестинација во Тајландскиот Залив. Кога фирмата забележала дека семејството не се вратило во договореното време, ги алармирала службите за итни случаи, кои започнале голема операција за пребарување.
Педесетгодишниот Французин и неговите синови, на возраст од пет и седум години, биле пронајдени дури до следното утро околу 10 часот, по околу 16 часа минати во морските води.
Кога спасувачките служби ги пронашле, само носот на џет-скито сè уште штрчел од водата и жртвите се држеле за него.
„Беа целосно исцрпени кога ги најдовме. Голтнале многу морска вода и изгледаа многу бледи, особено момчињата, изјави претставник на спасувачките служби.
Според изјавите на Французинот, џет-скито се превртел 15-тина минути по нивното испловување. Причините за превртувањето не се познати.
Локалните медиуми известуваат дека семејството можеби завршило надвор од дозволената зона за возење за џет-скии. Некои медиуми апелираа џет-скиите што се изнајмуваат на туристи да бидат опремени со Џи-Пи-Ес систем, за да може побрзо да бидат лоцирани во случај на несреќа.




