Западнонилската треска ја зема третата жртва. Викендов починал 61-годишен пациент кој имал придружни сериозни заболувања.
Досега во земјава се потврдени 35 случаи, а уште тројца супсектни се во процес на дијагностицирање.

На Клиниката за инфективни болести се лекуваат 16 пациенти од кои 6 се во критична состојба.
Она што е ново е дека се поместува границата на заболени, односно за разлика од претходно кога пациентите беа главно над 60 години, сега е хоспитализиран и 25-годишен пациент кој е во стабилна здравствена состојба.
– Овие шестмина кои се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега се на возраст над 60, но кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма, најмладиот пациент кој е хоспитализиран е 25-годишен, но е во стабилна здравствена состојба и е во Одделот за невроинфекција, изјави денеска директорот на Инфективната клиника Фадил Цана.
Најчести симптоми се висока температура, силна главоболка, закочен врат, дезориентираност, конфузност итн. Инкубацијата на вирусот е од 3 до 14 дена.
– Сите пациенти се со епидемиолошка анкета и се лоцира дали патувале во странство, дали патувале надвор од местото на живеење внатре во земјата, и каде се движеле. Има луѓе со урбани адреси, но имале и викендичка, и најверојатно во тој период престојувале на овие места, така што во основа сите мерки се насочуваат таму каде што е најверојатното место на заразување. Една од мерките е лична заштита од убоди од комарци, и отстранување на застоена вода, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.




