дома Култура Викендов 38. издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“

Викендов 38. издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“

  Со учество на поети и автори од Македонија и повеќе европски земји, од 21 до 23 август во Велестово и во „Лапидариумот“ во Охрид ќе се одржува 38. издание на меѓународната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Викендов 38. издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“Програмата започнува во петок, 21 август во Велестово, со кус музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, по што следува „Поетски портрет на Јовица Ивановски“, со поетско читање и разговор.

Вечерта продолжува со интернационалното поетско читање „Имаго“, со учество на поети од Ирска, Црна Гора, Хрватска, Србија, Бугарија и Романија. Првата фестивалска вечер ќе биде заокружена со изложбата на акварели „Флора“ на Ивана Настески, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Програмата продолжува следниот ден во „Лапидариумот“ во Охрид со „Диптих  7“, на кој ќе бидат претставени поетите Павле Горановиќ од Црна Гора и Томица Бајсиќ од Хрватска и нивните поетски книги „Република на тишината“ и „Собирачи на коски“. Двете изданија се во препев на Славе Ѓорѓо Димоски и се објавени од „ПНВ Публикации“. За од 21 часот е предвидено интернационалното поетско читање „Мозаик“, со поети од Романија, Ирска, Србија, Хрватска, Бугарија и Македонија.

Последниот фестивалски ден повторно програмата ја враќа во Велестово, каде од 19 часот ќе биде промовирана стихозбирката „Удут“ од Вероника Димоска, по што следува „Диптих #8“ со Звонко Карановиќ од Србија и Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска.

Фестивалот ќе биде заокружен со интернационалното поетско читање „Мозаик 2“, закажано за 21 часот.

Манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ се одржува со поддршка на Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.

ПредходнаДИВА: ВО ОХРИД ЗА ПРВПАТ ГО ВИДОВ ЕНИО МОРИКОНЕ, вечерва ќе пеам негово дело
СледнаДенеска многу лош ден за овој знак