Два противпожарни авиони на хрватските воздухопловни сили полетаа во понеделник за Босна и Херцеговина за да изгаснат пожар во масивот Динара, соопшти хрватското Министерство за одбрана.

Покрај пожарот на Динара, најголем проблем во БиХ во моментов е оној во областа Пљешевица кај Бихаќ, која е исто така во близина на границата со Хрватска.
„Два противпожарни авиони „Канадер ЦЛ-415“ со два екипажа полетаа денес… од касарната „Пуковник Мирко Вукушиќ“ во Земуник за гаснење пожари на подрачјето на општина Босанско Грахово во Босна и Херцеговина“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Министерот за одбрана Иван Анушиќ издаде наредба за испраќање на противпожарни авиони на хрватското воздухопловство во БиХ, во согласност со одлуката на владата за користење на хрватските вооружени сили за обезбедување хуманитарна помош на Босна и Херцеговина во гаснењето пожари, се додава во соопштението.
Претходно во понеделник, претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, ѝ се заблагодари на хрватската влада за нејзината одлука и „брзата и конкретна помош во гаснењето на пожарот на Динара“.
„Постојано сме во координација за да го спречиме ширењето на пожарот. Благодарност до Хрватска за нејзината солидарност и пријателство кога беше најпотребно“, се вели во благодарноста од претседателката Кришто.
Министерството за одбрана истакна дека во операцијата учествуваат припадници на 855-та противпожарна ескадрила, кои „ја покажаа својата сила и способност во претходните денови со гаснење пожари низ цела Далмација“.
Ова е второ распоредување на 855-та ескадрила надвор од Хрватска оваа година, соопшти министерството.




