дома Македонија Политика Муцунски најави Амбасадорскиот совет: Македонската дипломатија конечно се собира во Скопје по...

Муцунски најави Амбасадорскиот совет: Македонската дипломатија конечно се собира во Скопје по шест години

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на прес-конференција го најави одржувањето на Амбасадорскиот совет, кој во четврток и петок во Скопје ќе ги собере шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство.

Ова е првпат по 2019 година Амбасадорскиот совет повторно да се одржи во нашата држава со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва. По повеќе години, македонската дипломатска мрежа повторно се собира на едно место за директна, суштинска и стратешка координација.

„Амбасадорскиот совет е еден од најважните механизми за стратешка координација на македонската дипломатија. Целта е јасна: да направиме пресек на сработеното, да ги усогласиме позициите и, пред сè, да поставиме конкретни задачи за периодот што следува“, истакна Муцунски.

Во фокусот на Советот ќе бидат европската и евроатлантската агенда, геополитичките и безбедносните промени, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларното работење.

Во рамките на Советот, дипломатите ќе имаат директен дијалог со претседателката на државата, претседателот на Владата и претседателот на Собранието.

„Кога станува збор за нашите стратешки интереси, потребни ни се институционална координација, јасни позиции и сериозен државен пристап. Во време на длабоки геополитички промени, дипломатијата не смее да биде пасивна. Потребна ни е дипломатија која предвидува, реагира навремено, гради партнерства и одлучно ги штити националните интереси“, нагласи Муцунски.

Тој посочи дека европската интеграција останува еден од централните стратешки приоритети, а дипломатската мрежа има задача јасно и аргументирано да ги претставува позициите и реформските резултати пред европските партнери и да се залага за фер и предвидлив европски процес, заснован на резултати, европски вредности и взаемна почит.

Посебен акцент на годинашниот Совет ќе биде ставен на економската дипломатија.

„Мојата порака до нашите амбасадори е едноставна: секој амбасадор мора да биде и економски промотор на нашата држава. Повеќе инвестиции, поголем извоз, нови деловни контакти и нови пазари за македонските компании мора да станат мерлив дел од работата на нашите претставништва. Нашите амбасади треба да отвораат врати за македонските компании и добрите политички односи да ги претвораат во конкретни економски можности“, порача министерот.

Значаен дел од Советот ќе биде посветен и на модернизацијата и дигитализацијата на конзуларните услуги, подобрата институционална координација и поблиската комуникација со дијаспората.

„Дипломатијата има смисла само ако создава конкретна вредност за државата и за луѓето на кои им служи. Нашата цел е македонскиот граѓанин, каде и да се наоѓа, да знае дека неговата држава е таму кога му е потребна“, истакна Муцунски.

Советот ќе биде и можност директно да се слушнат амбасадорите и генералните конзули за предизвиците со кои се соочуваат на терен, како и за потребните чекори дипломатската мрежа да стане поефикасна, попрофесионална и подобро подготвена.

„Од нашата дипломатска мрежа очекуваме три работи: да ги штити нашите национални интереси, да отвора можности за нашата држава и да им служи на македонските граѓани. Во четврток и петок овие принципи ќе ги претвориме во конкретни задачи, подобра координација и мерливи резултати“, порача Муцунски.

Тој нагласи дека силната дипломатија не се мери само според бројот на средби, посетени престолнини или потпишани документи, туку според интересите што ги штити, партнерствата што ги гради, можностите што ги отвора и резултатите што ги создава за државата и за граѓаните.

„Градиме модерна и активна, професионална и самоуверена, стратешки координирана дипломатија која знае кои се нашите интереси и има капацитет да ги застапува. Дипломатија во служба на нашите граѓани, на нашата држава и на нашата татковина“, заклучи Муцунски.

Министерот најави и дека утре во официјална посета на државата ќе престојува заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, кој ќе биде и еден од говорниците на Амбасадорскиот совет. Во фокусот на разговорите ќе бидат продлабочувањето на билатералните односи, европската перспектива, економската соработка и актуелните регионални и меѓународни прашања.

ПредходнаСе чека на Богородица за излез од Македонија
СледнаЖерновски тврди дека е во тек операција за преземање на медиумите во Македонија