Просечната цена на бензинот во Соединетите Американски Држави се искачи на 4,51 долар за галон, што е највисоко ниво од јули 2022 година, според податоците од GasBuddy.

Зголемувањето на цената е поврзано со континуираниот конфликт во Иран и прекините во Ормутскиот теснец, клучен пат за глобален транспорт на нафта, каде што сообраќајот е ограничен, објави ABC.
Според GasBuddy, цената на бензинот се зголемила за 21 цент за галон во споредба со минатата недела, додека е поскапа за повеќе од 1,50 долари за галон од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари.
Главниот аналитичар на компанијата, Патрик Дехан, предупреди дека цените би можеле да продолжат да растат поради ниските залихи и неизвесноста на пазарот.
„Залихите на бензин во САД се веќе на повеќегодишни сезонски најниски нивоа, што значи дека цените ќе се соочат со уште поголем притисок нагоре“, рече Дехан.
Во меѓувреме, Централната команда на САД започна операција за обезбедување на премин на комерцијални бродови низ теснецот, додека американските претставници го обвинија Иран за напад врз трговски бродови и нарушување на пловидбата. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека Иран мора да дозволи слободен премин на бродовите, предупредувајќи на можни последици доколку нападите продолжат.




