Американската војска соопшти дека извршила напади во јужен Иран, насочени кон места за лансирање ракети и бродови кои се обидувале да постават мини, и покрај прекинот на огнот меѓу двете земји.

Централната команда на САД (CENTCOM) во соопштението изјави дека нападите биле извршени во „самоодбрана“ и дека нивната цел била „да ги заштитат нашите трупи од заканите што ги претставуваат иранските сили“.
Портпаролот на ЦЕНТКОМ изјави дека американската војска „продолжува да ги брани своите сили со воздржаност за време на тековното примирје“.
Кина ги повика САД и Иран да ги „почитуваат своите обврски“ кон сè покревкото примирје.
Повикот доаѓа откако американската војска објави дека вчера извршила напади „за самоодбрана“ на неколку локации во јужен Иран. Иран соопшти дека го задржува правото да одговори на какво било кршење на прекинот на огнот што е во сила од почетокот на април.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, изјави: „Ги повикуваме релевантните страни да ги почитуваат своите обврски за примирје, да ги решаваат споровите мирно и да продолжат да бараат решение преку дијалог и преговори што ќе ги земат предвид легитимните интереси на сите страни“.

„Информиран“ извор, цитиран од иранската новинска агенција Тасним, ги опиша разговорите меѓу иранските преговарачи во Катар како „генерално добри“, наведувајќи дека разговорите „доведоа до напредок во целокупните преговори“.
„Во исто време, не треба да заборавиме дека САД се познати како несигурен партнер и затоа Иран пристапува кон сите прашања со голема претпазливост“, рече неименуваниот извор.
Иранската полуофицијална новинска агенција „Тасним“, повикувајќи се на извор близок до преговарачкиот тим на Иран, објави дека во секој можен договор со САД, Иран бара ослободување на 24 милијарди долари замрзнати ирански средства.
Изворот наведува дека ставот на Техеран е дека половина од оваа сума, или 12 милијарди долари, мора да биде ослободена во моментот на објавување на меморандумот за разбирање, додека преостанатиот износ треба да биде ослободен во рок од 60 дена.





