Градежен инспектор од Општина Центар бара одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата на објектот во близина на Католичката црква каде викендов настана свлечиште и причинета е материјална штета.
Од Општина Центар велат дека ќе побараат и утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот поради несоодветно и несовесно постапување, а најавуваат и пријави и постапки пред сите надлежни институции.
– Општина Центар нема да толерира несовесно и неодговорно постапување од страна на инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор. Инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот,, да преземе мерки за санација врз основа на експертизата од Градежниот Факултет и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба, велат од Општината.
Во врска со случајот, од Општина Центар велат дека до Основното јавно обвинителство доставиле официјално известување со цел понатамошно постапување во рамки на нивните надлежности.
Од настанатото свлечиште на градилиште констатирани се оштетувања на коловозот, тротоарската површина, канализационата мрежа, уличното осветлување и едно возило.
За случајот информираше и полицијата од каде посочија дека при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда настанало свлечиште при што бил затрупан багерот но вработениот успеал навреме да излезе.




