Парламентарната говорница денеска беше место на жестока вербална пресметка меѓу премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот Скендер Реџепи од „Европскиот фронт“. Прашањето на Реџепи за тоа дали премиерот би поддржал уставни измени поврзани со јазичната политика и бришењето на одредницата „20 проценти“ за албанскиот јазик, предизвика остар одговор од првиот човек на Владата.

Мицкоски упати директни обвинувања за лицемерие до партиите од поранешната власт, користејќи сликовит и остар речник за нивното однесување во позиција и опозиција.
Одговарајќи на конкретното прашање за употребата на јазикот, премиерот Мицкоски како пример го посочи полагањето на правосудниот испит, потенцирајќи дека законите не го блокираат користењето на јазиците, туку тоа е прашање на подзаконски акти.
Премиерот додаде дека токму овие пропусти го докажуваат лажниот пристап на сегашната опозиција кон етничките прашања.




