Министерството за внатрешни работи соопшти дека е приведен мажот кој изврши семејно насилство сред бел ден во Скопје за што сведочеше скопјанка на социјалните мрежи.

Се работи за 48-годишен велешанец Џ.Б. кој кога се вратиле дома во Велес повторно и се заканувал со остар предмет на сопругата и малолетното дете.
– Откако лицето Џ.Б. (48) од Велес, заедно со неговата 43-годишна сопруга, се вратиле во нивниот дом, тој повторно извршил физички напад врз сопругата и нивната малолетна ќерка, при што им упатувал закани со остар предмет. Благодарение на брзата и координирана реакција на полициските службеници од СВР Скопје и СВР Велес, лицето во 21:00 часот било лишено од слобода. Остриот предмет бил пронајден и одземен, а сторителот бил задржан во полициска станица, информира МВР.
За настанот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од МВР апелираат до сите граѓани, доколку се сведоци или жртви на семејно насилство, истото веднаш да го пријават во полиција или до надлежните институции.




