дома Македонија Политика Продолжуваат нападите од ВМРО-ДПМНЕ кон синдикатите

Продолжуваат нападите од ВМРО-ДПМНЕ кон синдикатите

Наместо да преземе мерки за намалување на инфлацијата и стабилизирање на цените, зголемување на минималната плата и подобрување на условите за работниците, власта со денови, во недостиг на конкретни решенија, ги напаѓа синдикатите, вели за ТВ 24 потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Иван Пешевски по серијата обвинувања од страна на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски дека одредени членови на ССМ се луксизирале во странство.

Од власта, пак, и денеска го повторија ставот дека Сојузот на синдикати на Македонија и претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, за организација на спортски игри потрошиле околу 60.000 евра. Според Петрушевски, станува збор за средства обезбедени од членарината на македонските работници кои се членови на синдикатот.

ТВ 24 претходно го контактираше и Деаноски, кој децидно ги демантираше обвинувањата на Петрушевски, додека Пешевски денеска дополнително појасни дека организацијата на настанот во странство била донесена со одлука на сите синдикати кои се дел од ССМ.

Инаку, обвинувањата меѓу синдикалната организација и власта не се новина. Претходно, недоразбирања и серија обвинувања беа упатени и кон други членови на раководството на ССМ, а во неколку наврати беа инволвирани и потесни членови на нивните семејства.

ПредходнаСела: Денес не завршува, денес почнува сè. Нова партија Албанска Лига
СледнаПрилеп и Битола за еден месец ќе се поврзат со воз,а првите километри од автопатот следната пролет