дома Локално Пуштен во употреба нов затворен базен во Карпош наменет за најмладите

Пуштен во употреба нов затворен базен во Карпош наменет за најмладите

  Нов затворен базен со современи услови, наменет пред сè за најмладата популација, денеска беше официјално пуштен во употреба во општина Карпош. Објектот, кој се наоѓа во близина на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, е со должина од 25 метри и ширина од 9 метри и има цел да придонесе за развој на спортот, рекреацијата и здравите навики кај децата.

Базенот, чија изградба почна во 2023 година, беше довршен од страна на Министерството за спорт. По неговото ставање во функција, управувањето ќе го преземе Општина Карпош, која веќе најавува конкретни активности за негова употреба.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на отворањето, нагласи дека ваквите проекти се доказ за реализирање на дадените ветувања.

– Човек не може да не биде задоволен кога ќе направите нешто добро, корисно за заедницата и, пред сѐ, за најмладите. Посакувам во наредниот период да имаме уште многу вакви проекти, да почнеме нови и оние што се почнати да ги завршиме бидејќи сите оние ветувања што се дадени треба и да се реализираат, во таа насока е и овој проект – изјави Мицкоски.

Тој дополнително посочи дека Владата ќе продолжи со инвестицискиот циклус во соработка со општините.

– Што се однесува до Владата, ние продолжуваме посветено да работиме заедно со општините во насока на завршување на проектите, кои во суштина беа објавени преку две програми и два повика од Министерството за локална самоуправа, некаде околу 350 милиони евра, сосе сите оние други проекти што министерствата ги финансираат преку други програми, вкупната директна инвестиција, од Владата во општините, за капитални инвестиции е околу половина милјарада евра – рече тој.

 

ПредходнаБројот на ноќевања на туристи во ЕУ се зголеми за 3,4% во првиот квартал од 2026 година и надмина 471 милион
СледнаСавески до власта – сиромашно обвинителство не може да се бори со богат криминал