Пет книги се влезени во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува во рамки на Струшките вечери на поезијата.
Од Струшките вечери на поезијата информираат дека во потесниот избор влезени се „Меко трње“ од Марија Ангеловска, „Во куќата“ од Николина Андова Шопова, „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска и „Болна земја“ од Братислав Ташковски.

На конкурсот за оваа награда се пријавиле 35 автори со 37 поетски книги објавени меѓу двете фестивалски изданија, а првично од нив направен е поширок избор од 10 автори.
– Жири-комисијата, согласно Правилникот за наградата, продолжува да работи во тајност до донесувањето на конечната одлука. Поетите од потесниот избор ќе имаат свое претставување на одделен настан на фестивалот, пред официјалното соопштување на добитникот, кое ќе биде на 26.06.2026 година, во 12:30 часот. Наградената книга покрај паричната награда добива и објавување на книгата во превод на англиски јазик, промоција и портрет на следното издание на Струшки вечери на поезијата, информираат од Струшките вечери на поезијата.
Фестивалот ќе започне на 24 јуни со традиционалното засадување на дрво во Паркот на поезијата од страна на годинашниот добитник на наградата Златен венец на СВП, Анеке Брасинга од Холандија. Официјалното отворање ќе биде вечерта во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга со почеток во 20:30 часот.
Годинава, Фестивалот ќе се одржи под мотото „Каде што живее поезијата“ преку кој се посочува на кревкоста на традицијата и културата, но и за нејзината особеност и трајноста на зборот.




