Грција ќе отвори нови шалтери и привремено ќе ја суспендира биометриската проверка на граничниот премин „Евзони“ за да ги олесни гужвите, откако новиот систем за влез на Европската Унија предизвика значителни доцнења и долги редици, објави „Катимерини“.

Поради дополнителните проверки, времето за обработка на еден патник е зголемено од околу 20–30 секунди на две до три минути, што доведе до намален проток на возила и туристички автобуси, особено на преминот Евзони.
За да се избегнат екстремни застои, надлежните привремено ја суспендираат примената на биометриската проверка во периоди на најголем метеж, при што премините функционираат само со стандардна пасошка контрола.
Суспензијата е привремена — може да трае неколку часа — и се дозволува во случаи на долги редици од автобуси и од автомобили.




