дома Македонија Политика Обраќање на Мицкоски на одбележувањето 36 години ВМРО-ДПМНЕ (во живо)

Обраќање на Мицкоски на одбележувањето 36 години ВМРО-ДПМНЕ (во живо)

Обраќање на Мицкоски на одбележувањето 36 години ВМРО-ДПМНЕ (во живо)

  Обраќање на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на одбележувањето на 36 години од основањето на партијата.

Мицкоски викендов ги повика сите членови, симпатизери, поддржувачи и сите граѓани да се придружат на големиот народен собир по повод 36-от роденден на партијата на 17 јуни, во 20:00 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица.

– Пред 36 години беше создадена идеја која стана симбол на борбата за слободна, независна и достоинствена Македонија. Идеја која ги обедини сите оние кои веруваа дека оваа држава има право на сопствен пат, на сопствен глас и на сопствена иднина. Денес, 36 години подоцна, го одбележуваме патот што заедно го изодевме, сите предизвици што ги надминавме и сите победи кои ги остваривме како народ – рече Мицкоски во видео пораката, која беше објавена на неговиот профил на Фејсбук.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето на централната прослава по повод 36-годишнината од формирањето на партијата во Струмица направи обемен историски осврт на развојот на ВМРО, истакнувајќи дека идеологијата и континуитетот на организацијата се длабоко вградени во програмските определби на ВМРО-ДПМНЕ.

Осврнувајќи се на критиките од опозициската СДСМ во однос на името на партијата и нејзината поврзаност со историското ВМРО, Мицкоски рече дека не сакал да држи историски лекции, но дека е неопходно да се потсетат граѓаните на историските факти.

-Секој член на ВМРО-ДПМНЕ мора да биде свесен за историскиот габарит кој го носи ова име, порача Мицкоски.

Тој истакна дека корените на денешната ВМРО-ДПМНЕ се поврзани со формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација во 1893 година, која како своја основна цел ја имала борбата за автономна Македонија.

Според него, континуитетот со историското ВМРО не е апстрактен поим, туку суштинска идеолошка определба која била прифатена од сите партиски раководства во изминатите 36 години и останала дел од политичкиот идентитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Во говорот, Мицкоски се осврна на различните периоди од историјата на ВМРО, потсетувајќи на подемот на организацијата во времето на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански и Христо Татарчев, како и на Илинденското востание од 1903 година.

Тој нагласи дека организацијата во текот на своето постоење минувала низ бројни предизвици, поделби и внатрешни конфликти, но успевала да опстане и да остане значаен фактор во македонското револуционерно движење.

Посебен акцент беше ставен на периодот по Првата светска војна и дејствувањето на ВМРО под водство на Тодор Александров, кој, според Мицкоски, успеал повторно да ги обедини различните идеолошки струи во организацијата и да ја издигне во најмоќна македонска организација во тој период.

Говорејќи за трагичните настани од втората половина на дваесеттите години на минатиот век, Мицкоски потсети на внатрешните пресметки и братоубиства кои, како што рече, оставиле длабоки рани во македонската историја.

-Тоа беше трагично и тешко време и за ВМРО и за Македонија, од кое денес треба да извлечеме длабоки поуки и мудрост. Се случило некогаш и веќе никогаш да не се повтори, истакна тој.

Премиерот посочи дека и по расформирањето на ВМРО во 1934 година, идејата на организацијата не исчезнала, туку продолжила да живее меѓу македонскиот народ.

Според него, по Втората светска војна низ Македонија биле формирани бројни илегални групи и организации кои се повикувале на идеалите на историското ВМРО и се залагале за независна македонска држава.

Мицкоски наведе дека бројни членови на таквите организации биле апсени и осудувани во периодот на поранешна Југославија, но дека и покрај тоа идејата не била искоренета.

-Семето посеано на 23 октомври 1893 година не било уништено. Вмровската идеологија повторно воскреснала во намачената душа на македонскиот народ, порача Мицкоски.

Тој заклучи дека историјата покажала оти ВМРО секогаш успевала да опстане и да се обнови во моменти кога многумина сметале дека нејзината улога е завршена.

-Секогаш кога сакале да ја уништат, ВМРО како чувар на Македонија и производ на својот народ се враќала посилна, истакна Мицкоски во обраќањето по повод 36-годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

ПредходнаДел од фасада падна од станбена зграда во Козле
СледнаБлокадата на границата со С Македонија би било контрапродуктивно за Софија – смета шефицата на бугарската дипломатија