Група вработени во Радио и телевизија на Србија собрани околу иницијативата „Нашиот протест“ објавија дека силно се дистанцираат од емисијата емитувана на Првиот канал на РТС во која студентите се обвинети за наводно користење „звучен топ“, оценувајќи дека тоа е „апсолутен пад на новинарската етика“.
Вработените бараат итна одговорност и отпуштање на целиот редакциски персонал на Информативната програма, како и јавно извинување до студентите и граѓаните на Србија.
„Ние, вработените во Радио и Телевизија на Србија, собрани околу групата „Наш протест“, кои од самиот почеток им даваме целосна поддршка на студентите во нивните оправдани барања и се бориме за објективно информирање, со ова сакаме јавно, силно и целосно да се дистанцираме од срамната емисија емитувана на Првата програма во која студентите беа обвинети за наводно користење на „звучен топ““, се вели во соопштението на групата.
Како што наведоа, како вработени во јавниот сервис кои ги делат истите вредности и идеали за кои младите се борат на улиците, тие се длабоко „згрозени од начинот на кој вестите на РТС се обидоа да ги криминализираат и јавно да ги линчуваат“.
„Таа емисија претставува апсолутен пад на новинарската етика, директно кршење на Кодексот на новинарите на Србија и неодговорно таргетирање на студентите“, нагласија тие.
Додадоа дека одбиваат да бидат неми сведоци и соучесници во претворањето на јавниот медиумски сервис во фабрика за непроверени информации и политичка измама.
„Нашата борба за „професионално, вистинито и објективно информирање на граѓаните кои ја финансираат оваа услуга, директно се совпаѓа со борбата на студентите. Затоа нема да молчиме пред овој професионален срам. Бараме итна и неповратна одговорност од целиот редакциски персонал на Информативната програма, нивно отпуштање, како и официјално јавно извинување од РТС до студентите и граѓаните на Србија“, нагласија тие.
Бирото за социјални истражувања (Бироди)исто така објави, врз основа на анализа на петочната емисија на Радио-телевизија Србија (РТС) за наводната организирана подготовка на симулација на употреба на звучен топ на 15 март 2025 година, дека постојат основи за сомневање дека јавниот медиумски сервис ги прекршил Правилата за заштита на човековите права во областа на обезбедувањето медиумски услуги.




