Светскиот ден на музиката, 21 јуни, се слави во 120 земји низ целиот свет со настапи на професионалци и аматери на улиците, плоштадите, парковите и дворовите во знак на прослава на разновидноста на музичките изрази.
Градскиот парк во Скопје синоќа звучеше моќно, беше место на културно обединување на регионот. Над 200 уметници од земјава, Грција и Бугарија со изведбата на „Кармина Бурана“ докажаа дека музиката не знае за граници.

Иницијатор на овој регионален проект, којшто претходно се реализираше и во Софија и во Солун, е бугарскиот маестро Најден Тодоров, кој синоќа диригираше со филхармониите од Македонија, Грција и Бугарија.
Како солисти настапија македонската сопранистка Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов.
Денот на музиката се слави секоја година на денот кога започнува летото, симболично поврзувајќи го најдолгиот ден во годината со универзалниот јазик на музиката.
Овој празник, кој се слави низ целиот свет на 21 јуни од 1982 година, е воспоставен со цел да се нагласи важноста на песната како израз на идентитет, слобода и креативност.

Светскиот ден на музиката е воспоставен на иницијатива на францускиот министер за култура Жак Ланж и композиторот Морис Флер, и оттогаш се слави секој 21 јуни за време на летната краткоденица како музички празник. Причината за ова беше анкета спроведена во Франција која покажа дека пет милиони Французи (девет проценти од вкупното население) свират на инструмент, па идејата беше да им се овозможи на што е можно повеќе луѓе јавно да изведуваат музика.
Во 1997 година, сите организации одговорни за овој настан низ Европа се собраа во Будимпешта за да ја изготват Меѓународната повелба за Светскиот ден на музиката, утврдувајќи ги клучните критериуми што го дефинираат: бесплатен влез, датум 21 јуни и отвореност кон сите музички жанрови и сите публики…
Во Америка, воспоставувањето на овој обичај траеше малку подолго – Арон Фридман го донесе концептот во својот роден град во Соединетите Држави во 2007 година под името „Make Music New York“, додека во Латинска Америка, пејачот Ману Чао одигра важна улога во воспоставувањето на овој настан.
Светскиот ден на музиката е потсетник дека музиката – пред да стане прашање на институции, жанрови или публика – е пред сè жива уметничка форма, достапна за сите.




