Три лица се убиени во пукотница што се случи во понеделник наутро во населбата Кот де Неж во Монтреал.Загинаа еден полицаец, еден напаѓач и еден цивил, а уште двајца се повредени, објавија денес локалните медиуми.

Полицијата во Монтреал потврди дека убиениот полицаец е Мохамед Ламин Бенредуан (34), член на полициските сили од 2021 година, објави CBS News.
„Со длабока тага ја потврдуваме трагичната смрт на полицаецот Мохамед Ламин Бенредуан при вршење на должноста. Неговата смрт е огромна загуба за нашата организација. Неговото чувство за должност, посветеност и професионализам засекогаш ќе останат во нашите сеќавања“, се вели во полициското соопштение.
Еден повреден полицаец е во стабилна состојба, а еден цивил претрпел полесни повреди.
„Полицијата беше повикана откако сведок видел пиштол. Осомничениот вклучен во пукањето беше убиен“, рече шефот на полицијата Фади Дагер.
Осомничениот вооружен напаѓач наводно дистрибуирал летоци со насилни пораки насочени кон жените и бил поврзан со мизогинистичката субкултура „инсел“ (неволен целибат).
Најмалку 29 истрели се слушнале во видео споделено на социјалните мрежи.




