Фондот за пензиско и инвалидско осигурување уверува дека редовната исплата на пензиите, непреченото функционирање на пензискиот систем и континуираното обезбедување на здравствените права на пензионерите не се доведени во прашање и остануваат врвен приоритет на актуелното раководство на ПИОМ.
– Во ниту еден момент не е доведено во прашање здравственото осигурување на пензионерите. Сите пензионери непречено и континуирано ги остваруваат своите права од здравственото осигурување и редовно ги добиваат здравствените услуги под исти услови како и досега, уверува Фондот на ПИОМ.

По објавениот ревизорски извештај, денеска Фондот на ПИОМ излезе со соопштение во кое наведува дека предмет на ревизија било работењето на Фондот во текот на 2024 година.
– Во првите девет месеци од ревидираниот период со Фондот управуваше раководен кадар именуван во време на претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, додека актуелното раководство ја презеде одговорноста за управување со институцијата во последниот квартал од годината. Поради тоа, најголемиот дел од ревидираните постапки, одлуки, договори, административни процеси и утврдени состојби се однесуваат на период кога Фондот функционирал под раководство на претходниот менаџмент, наведува Фондот на ПИОМ.
Оттаму уверуваат дека слабостите што се однесуваат на тековното административно работење и на системот на јавни набавки се веќе надминати, а со механизмите воспоставени на крајот на 2024 и во текот на 2025 година, значително е намален ризикот од повторување на констатираните состојби.




