дома Култура Два концерта и театарска претстава во рамки на „Скопско лето“

Два концерта и театарска претстава во рамки на „Скопско лето“

    Два концерта и театарска претстава се предвидени за оваа вечер во рамки на фестивалот „Скопско лето“.

Со почеток во 20:30 часот во „Сули ан“ ќе се одржи концерт насловен „Блесоглас“ на Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово и Градскиот мешан хор „Вардар“ од Скопје, под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска – Каро. Како што е најавено, програмата опфаќа внимателно избрани дела од светската и македонската хорска литература, создавајќи музичко доживување што ги поврзува традицијата и современиот израз.

– Како гостин на вечерта ќе настапи гитаристот Стефан Волчевски, чиј настап ќе внесе дополнителна звучна димензија и ќе ја збогати концертната програма.

Во 20:30 часот во Музејот на македонската борба ќе се одржи концерт под наслов „Пијано рецитал“ на Галин Ганчев од Бугарија.

– Рециталот на Галин Ганчев претставува музичко патување низ различни епохи и естетики, следејќи го развојот на лиризмот од веќе етаблираниот „Италијански концерт“ на Бах, па сè до романтизмот, завршувајќи со контрастната фантазија „Исламеј“ од Балакирев. На еден или друг начин, сите овие дела се цврсто поврзани преку својата лирска структура, а програмата истовремено открива и помалку познати врски меѓу овие големи композитори – како, на пример, поврзаноста помеѓу Штраус и Моцарт – Штраус бил исклучително ценет и баран диригент на делата на Моцарт, или начинот на кој Брамс и Моцарт го третираат карактерот на тоналитетите во споредба со Бах. Дополнителен интерес претставува имагинарниот карактер на некои од „Stimmungsbilder“ на Штраус во споредба со начинот на кој Моцарт или Балакирев ја третираат структурата на фантазијата – се додава во соопштението.

За оваа вечер на сцената на Албанскиот театар со почеток во 20:30 часот ќе се одигра театарската претстава „Првиот господин“, според мотивите на Бранислав Нушиќ, а во режија на Фатос Бериша.

– Претставата „Првиот господин“ е сатирична комедија што ветува дека ќе ја разоружа публиката со хумор и длабоко ќе погоди со непријатни вистини. Претставата е во режија на Фатос Бериша, кој носи моќна и рефлективна интерпретација на моќта, парите и човечките односи. Билетите се во продажба на билетара на Албански театар – се појаснува во соопштението.

За утре пак, исто така, со почеток во 20:30 часот, како што е најавено, на отворената сцена „Кеј 13 Ноември“ – споменик кај Гемиџиите, ќе се одржи концерт насловен „Градски приказни“ на КУД „Илинден“ од Битола.

– Оваа година, годишниот концерт на КУД „Илинден“ е посветен на богатата македонска градска традиција, носејќи на сцената атмосфера на старите градски средини. Преку звуците на чалгискиот оркестар, автентичните танци и обичаи, како и раскошните костими, програмата оживува еден препознатлив културен свет. Концертот ја обединува музиката, играта и сценскиот израз во целовито доживување исполнето со духот на традицијата. Вечер во која се раскажуваат приказни што се пренесуваат низ генерации. Влезот е слободен – пишува во соопштението.

Предходна(Видео) Приврзаници на ДУИ протестираа во Тетово против укинувањето на одлуката за преименување на улици од 2007
СледнаМоќно отворање на викендот пред трката во Шпилберг: „Сребрените стрели“ го држат врвот