Европа оваа ндела беше погодена од екстремен топлотен бран. Додека температурите се приближуваат до 40 степени Целзиусови, а службите за итни случаи бележат зголемен број интервенции поради горештините, клучно е да се знае разликата помеѓу топлотна исцрпеност и потенцијално смртоносен топлотен удар, пишува британски „Експрес“.
Иако болестите предизвикани од топлината можат да погодат на секого, некои групи се особено чувствителни, вклучувајќи ги постарите лица, бебињата, малите деца и лицата со хронични здравствени состојби како што се дијабетес или срцеви заболувања. Топлотната исцрпеност и топлотниот удар се две форми на болести предизвикани од топлината, но важно е да се знае дека топлотниот удар е состојба опасна по живот.
Топлотната исцрпеност се јавува кога телото се прегрева и преку потењето губи прекумерна количина вода и сол. Симптомите обично се исти кај возрасните и децата, иако децата може да станат и невообичаено малаксани или раздразливи. Знаците вклучуваат замор, слабост, чувство на несвестица, главоболка, грчеви во мускулите, гадење или повраќање, обилно потење, екстремна жед и осип предизвикан од топлината.
Топлотен удар
Топлотниот удар се јавува кога топлината ја надминува способноста на телото да ја регулира сопствената температура, што доведува до намален проток на крв и оштетување на виталните органи. Британската служба за јавно здравје (НХС) предупредува дека во случај на симптоми на топлотен удар, потребно е веднаш да се побара итна медицинска помош.
Симптомите може да вклучуваат висока телесна температура, обично над 40 степени, несвестица или губење на свеста, напади или грчеви, како и сериозни тешкотии со дишењето, како што се немање воздух, гушење или неможност за зборување без паузи. Други симптоми се збунетост, губење на координацијата и кожа што е ладна на допир и покрај високата телесна температура.




