дома Македонија За иницијативата на Левица не се гласаше, ќе се одлучува на некоја...

За иницијативата на Левица не се гласаше, ќе се одлучува на некоја од наредните седници

Иницијативата на политичката партија „Левица“ за оценување на уставноста на делови од Изборниот законик коишто се однесуваат на платеното политичко рекламирање останува отворена откако денеска на седницата на Уставниот суд немаше мнозинство за да се гласа.

Предметот ќе се гласа на некоја од наредните седници. Судијата Осман Кадриу како подносител предложил да се поведе постапка и да се оценуваат одредбите од Изборниот законик, но предлогот не добил мнозинство односно немало пет судии да го поддржат предлогот.

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, предупреди дека евентуалното отфрлање на нивната иницијатива би значело легализирање на нерамноправните услови за учество на изборите и опасен преседан за политичкиот плурализам.

Мециновиќ истакна дека проблемот не е во финансирањето, туку во тоа што на Левица ѝ е оневозможен еднаков пристап до медиумскиот простор за време на изборната кампања.

– Левица не бара финансии. Левица бараше и бара рамноправен пристап до медиумскиот простор, до рекламирањето на телевизиите, порталите и билбордите. Тоа не е грев, туку треба да се запрашаме зошто имаме власт која пробува својот авторитаризам да го наметне како норма, изјави Мециновиќ.

Според него, доколку Уставниот суд ја потврди спорната законска одредба, ќе се создаде преседан што во иднина може да биде применет против секој политички субјект кој ќе го наруши комодитетот на големите партии.

– Веќе имавме преседан на минатите избори. Ако денес го потврдиме тој преседан, тоа значи дека секоја идна партија што ќе сака да им ги помати сметките на партиите на олигархијата ќе може да добие ваков третман. Тоа не треба да им биде прифатливо ниту на медиумите, ниту на политичките чинители, ниту на граѓанскиот сектор, рече Мециновиќ.

ПредходнаТело на починат маж извлечено од Пчиња кај Катлановска бања
СледнаМарта Кос: Уставните измени остануваат неопходен чекор, до 2028 година може да станете нова членка