Американските држави би можеле да започнат судска постапка следната недела против спојувањето на „Парамаунт“ и „Ворнер Брос Дискавери“ вредно 110 милијарди долари, тврдејќи дека договорот би можел негативно да влијае на конкуренцијата во холивудската индустрија, соопштија денес извори.

Изворите изјавија за „Ројтерс“ дека истрагата за можни прекршувања на антимонополските закони на САД ја води државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, чија канцеларија досега одби да коментира за обвинувањата.
Планираното спојување на две од четирите најголеми холивудски студија предизвика критики од делови од филмската индустрија.
Актерите, сценаристите и другите работници во Холивуд предупредија за можни загуби на работни места, а сопствениците на кината стравуваат дека спојувањето би можело да доведе до помалку филмови, помалку избор за публиката и намалена конкуренција.
„Ворнер Брос Дискавери“, компанијата зад филмските франшизи како што се „Хари Потер“ и „Супермен“, треба да се спои со „Парамаунт Пикчрс“ во еден од најголемите договори во забавната индустрија.
Главниот извршен директор на „Парамаунт“, Дејвид Елисон, се обиде да ги смири загриженостите на сопствениците на кината, велејќи дека здружените студија ќе објавуваат околу 30 филмови годишно.
Но, експертите предупредуваат дека потенцијалното одложување на договорот поради судски спор би можело да ги зголеми трошоците за „Парамаунт“, кој би се здобил со долг од околу 80 милијарди долари по склучувањето на договорот.
Компанијата, исто така, вети дека ќе им исплати на акционерите на „Ворнер Брос. Дискавери“ исплата од околу 650 милиони долари во готово секој квартал доколку договорот не биде завршен до октомври.
Ројтерс претходно објави дека Калифорнија, Њујорк и други држави подготвуваат правни мерки, како дел од поширокиот притисок на државните влади за заострување на контролата врз големите спојувања и аквизиции откако федералните регулатори го олеснаа својот пристап.




