Многумина тврдат дека утринската доза маслиново масло и сок од лимон може да направи чуда за кожата, варењето и за општото здравје.

Иако маслиновото масло и сокот од лимон сами по себе нудат бројни здравствени придобивки, како што се здрави масти, антиоксиданти и витамин Ц, експертите забележуваат дека нема цврсти докази за посебни детоксикациски својства или ефекти за слабеење кога се комбинираат. Пиењето на овој пијалак е генерално безбедно, но слични придобивки може да се постигнат едноставно со вклучување на овие состојки во редовните оброци, пишува „Хелт“.
Што е, всушност, пијалакот од маслиново масло и лимон?
– Тоа е пијалок кој се состои од една до две лажици екстра девствено маслиново масло измешано со свежо исцеден сок од лимон – објаснила нутриционистката Робин Бери Кејден за „Хелт“.
Нема сомнение дека маслиновото масло и сокот од лимон се здрави и обезбедуваат голем број корисни хранливи материи.
Дејството на поединечните состојки
Маслиновото масло е богат извор на мононезаситени масти, особено олеинската киселина, која има моќни противвоспалителни својства.
– Екстра девственото маслиново масло содржи и полифеноли и други биоактивни соединенија кои во истражувањата постојано се поврзуваат со кардиометаболичките и противвоспалителните придобивки- вели диететичарката Јохана Кац.
Внесувањето маслиново масло е поврзано со намалување на ризикот од срцеви болести, како што се висок холестерол и атеросклероза, односно таложење на плаки во артериите.
Маслиновото масло исто така може да ви помогне да се чувствувате сити помеѓу оброците и да придонесе во одржувањето на здраво ниво на шеќер во крвта.
– Бидејќи здравите масти го забавуваат празнењето на желудникот, некои луѓе се чувствуваат сити по консумирањето, што индиректно може да помогне во рамнотежата на шеќерот во крвта и да ги намали утринските потреби за храна – објасни Кајден.
Навистина, исхраната богата со маслиново масло може да помогне во регулирањето на шеќерот во крвта и заштитата од дијабетес тип 2. Прегледот на студии од 2022 година покажал дека секоја дополнителна дневна порција од 25 грама маслиново масло е поврзана со намалување на ризикот од дијабетес тип 2 за 22 проценти.
Од друга страна, сокот од еден лимон обезбедува околу 20 проценти од препорачаната дневна количина на витамин Ц, кој делува како моќен антиоксидант, ги штити клетките од оштетување и е неопходен за производството на колаген и за функцијата на имунолошкиот систем.
Лимоните исто така содржат лимонска киселина и полифенолни антиоксиданти, а лимонската киселина може да биде корисна за луѓе склони кон камења во бубрезите, бидејќи помага да се спречи нивното формирање.
Дали постои посебен ефект на комбинацијата?
Нутриционистите се согласуваат дека нема докази за посебна синергија.
– Нема цврсти докази дека маслиновото масло и лимонот заедно создаваат единствен синергиски ефект на „детоксикација“. Повеќето од наводните придобивки произлегуваат од индивидуалните својства на секоја состојка, а не од некоја посебна меѓусебна реакција – истакнала Кајден.
Иако комбинирањето на овие состојки може да биде практичен начин за нивно консумирање, нема посебна корист, како што е подобра апсорпција на хранливи материи, што би произлегла од нивното мешање.
Наводни придобивки наспроти реалноста
И покрај многуте тврдења што кружат на интернет, повеќето од нив се претерани.
Некои луѓе може да забележат мало подобрување во редовноста на столицата, но Кајден вели дека тоа е едноставно последица на поголемиот внес здрави масти и поголемо внимание посветено на утринските навики.
Сепак, некои студии покажуваат дека полифенолите од екстра девственото маслиново масло го поттикнуваат растот на корисните цревни бактерии.
Тврдењата за „детоксикација“ се особено неосновани.
– Вашиот црн дроб и бубрези веќе многу ефикасно ја извршуваат детоксикацијата кога се доволно нахранети и хидрирани. Ниту една напивка не може да ги замени тие системи – рекла Кајден.
Истото важи и за слабеењето. Иако долгорочното внесување маслиново масло е поврзано со помало зголемување на телесната тежина, тоа не значи дека утринскиот пијалак ќе доведе до значително губење на килограмите.
Не треба да заборавиме дека маслиновото масло е многу калорично – една лажица содржи околу 126 калории.
Кога станува збор за здравјето на кожата, малку е веројатно дека овој пијалак ќе има забележлив ефект.
– Тврдењата за благотворното дејство врз кожата веројатно произлегуваат од фактот дека витаминот Ц игра важна улога во синтезата на колагенот, додека маслиновото масло содржи антиоксидантни и противвоспалителни соединенија кои можат да го поддржат целокупното здравје на кожата како дел од хранливо богатата исхрана – објаснила Кац.
Таа додала дека малите количини од овие состојки во пијалакот веројатно нема значително да ја подобрат синтезата на колаген ако вашата исхрана веќе содржи доволно количини витамин Ц.
Дали треба да го пробате овој пијалак?
Дневната доза на маслиново масло и сок од лимон е безбедна за повеќето луѓе.
Сепак, Кејден предупредува на можни несакани ефекти кај некои луѓе: киселини во желудникот поради киселоста на лимоните, гадење или течна столица поради внесување концентрирано масло, ерозија на забната глеѓ поради честа изложеност на киселини, како и проблеми со варењето кај луѓе со проблеми со жолчното ќесе.
Ако уживате во овој пијалак и добро го поднесувате, нема причина да не го вклучите во вашата рутина.
Меѓутоа, со оглед на тоа што нема посебни придобивки од нивното комбинирање, истите ефекти можете да ги постигнете со едноставно додавање сок од лимон во водата и користење маслиново масло во салатите.




