дома Македонија Нови правила за giveaway – дозвола од МФ и плаќање надоместок

Нови правила за giveaway – дозвола од МФ и плаќање надоместок

За организирање giveaway (подарувања) задолжително ќе се бара дозвола од Министерството за финансии, а организаторот ќе треба да плати и наоместок во висина од 18 проценти од вкупната вредност на фондот на наградите, предвидува новиот Закон за игри на среќа којшто почнува да се применува од следниот вторник (14 јули).

Надоместокот пак што ќе треба да го уплати приредувачот на giveaway треба да се уплати пред започнување на играта во рок од три дена од приемот на дозволата.
Доколку организатор на подарувањето е трговец- поединец, кон барањето за издавање дозвола треба да достави и правила на подарувањето, докази за потеклото на наградите, документ за регистрација издаден од Централниот регистар, информација за економско-финансиската состојба врз основа на последната годишна сметка, доколку вршел деловна активност, доказ за платен надоместок за поднесување на барањето во износ од 100 евра во денарска противвредност, како и доказ за подмирени јавни давачки по основ на даноци, царини и придонеси.

Доколку организатор е трговско друштво, покрај наведената документација за трговец-поединец, кон барањето задолжително доставува и документ за регистрација издаден од Централниот регистар, како и потврди од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не му е изречена споредна казна забрана за добивање или одземање дозвола за приредување игри на среќа, ниту привремена или трајна забрана за вршење на дејност за приредување игри на среќа.

Доколку барањето го поднесува трговско друштво во име и за сметка на друго трговско друштво, потребно е да се достави документацијата што се однесува на трговското друштво во чие име и за чија сметка се поднесува барањето.

Новина е и тоа што правилата на играта задолжително треба јавно да бидат објавени пред започнување на подарувањето, а резултатите, односно добитниците, да бидат објавени најдоцна во рок од три дена од денот на извлекувањето или определувањето на добивките.
– Паричните и стоковните награди мора да бидат исплатени, односно преземени, во рок утврден со правилата на играта, кој не може да биде подолг од 60 дена од денот на објавувањето на резултатите, велат од Министерството за финансии.

Времетраењето на една игра на среќа од типот giveaway не може да биде подолго од една година.

Законот ги дефинира и поимите „лајкување“ и „тагнување“ како влог за учество во овие игри на среќа. Лајкувањето претставува покажување интерес или позитивна реакција кон одредена содржина, додека тагнувањето претставува означување лице, фотографија или видео, кога таквата активност е услов за учество во играта.

 

ПредходнаДрога пронајдена во подрумски простории во Аеродром
СледнаАлбански државјанин сакал да прошверцува 24 пакувања марихуана