Легендарната британска пејачка Бони Тајлер почина на 75-годишна возраст по итна операција во Португалија.
Култната пејачка почина само неколку недели откако беше подложена на итна операција и беше ставена во индуцирана кома. Во соопштение кое денеска е објавено на веб-страницата на пејачката, е потврдено дека легендарната уметница починала синоќа по болест.
Сега е откриена и потресната последна јавна фотографија од Бони. Трогателната снимка ја покажува ѕвездата покрај пејачката Моли Робертс во салата „О2 Шефердс Буш Емпајр“ во западен Лондон.
Моли, која рекла дека ѝ е чест што настапува истата вечер, го отворила концертот пред Бони да излезе на сцената во Лондон на 19 март. Концертот во „Шефердс Буш“ требало да биде нејзина претпоследна вечер од турнејата, бидејќи Бони требало да настапи и во Кардиф на 21 март, што било одложено поради „непредвидени околности“.
View this post on Instagram
Бони, која е родена како Гејнор Хопкинс во Сквин во близина на Нит во јужен Велс, беше итно префрлена во болница во Португалија со перфорација на цревата во април. Пејачката потоа беше ставена во индуцирана кома откако помина неколку дена во болницата Фаро, пред да биде префрлена на одделот за интензивна нега.
Бони подоцна се разбуди од кома на 15 јуни, но наводно претрпела сериозна инфекција по операцијата. Целосната изјава на веб-страницата на пејачката гласи:
„Семејството и тимот на Бони со скршено срце објавуваат дека Бони неочекувано почина синоќа во болница во Португалија среде болеста за која се лекуваше. Наскоро ќе издадеме дополнително соопштение, но засега ве молиме за приватност за да се соочиме со оваа трагедија.“
Музичката ѕвезда првично се прослави во 1977 година со својот албум „The World Starts Tonight“. Но, глобална слава стекна во 1983 година со својот хит што ги покори топ-листите, „Total Eclipse Of The Heart“.
Потоа имаше уште четири хитови во топ десет, вклучувајќи ги „It’s A Heartache“ и „Holding Out For A Hero“. Пејачката, која е во брак со инвеститорот во недвижности Роберт Саливан од 1973 година, се натпреваруваше на Евровизија во Велика Британија во 2013 година. Таа го заврши натпреварот на 19-то место со песната „Believe In Me“.
Во 2021 година, таа го издаде својот 18-ти студиски албум, „The Best Is Yet To Come“. Истата година, легендата од 80-тите отворено зборуваше за стареењето и го припиша својот изглед на редовните инјекции со ботокс.
„Примам ботокс двапати годишно веќе многу години, драга. Немав можност од претходниот Божиќ. Но, добро се држам. Мошне сум во форма за своите години, му благодарам на Бог. И никогаш нема да се пензионирам. Го гледам Том Џонс. Тој е неверојатен. Неговиот глас е силен како и секогаш, а 10 години е постар од мене“, рече легендарната пејачка.
Бони заработи три номинации за наградата Греми во текот на својата богата кариера што траеше пет децении, а во 2023 година беше одликувана со орденот МБE (Член на Редот на Британската империја) за нејзиниот придонес во музиката.
Нејзиниот последен јавен настап беше во „О2 Шефердс Буш Емпајр“ во Лондон, каде што пееше пред илјадници обожаватели во март. Во април, таа почна да чувствува силни болки во стомакот кратко по пристигнувањето во Португалија, каде што има друга куќа, и по прегледот во Лондон. Во мај, беше објавено дека Бони била итно однесена во болница со сериозно руптурирано црево и дека морала да се подложи на итна операција.
Бони беше во брак со Роберт Саливан 52 години. Се запознале уште кога таа била млада непозната девојка и се вљубиле еден во друг. Љубовта траела сè до нејзината смрт.




