Условна казна од една година доби екс претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска која беше обвинета за кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Судот ја прогласи Димитровска за виновна за оддавање службена тајна, за што ѝ утврди казна затвор од осум месеци, како и за компјутерски фалсификат, за што ѝ е утврдена казна затвор од шест месеци.

Кривичниот суд го прогласи за виновен и ревизорот Миле Столевски на кого му изрече условна осуда, со која му се утврдува казна затвор од шест месеци доколку во рок од две години не стори ново кривично дело.
Третообвинетата Билјана Петровска-Мантева е ослободена од обвинението, бидејќи Обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека го сторила кривичното дело оддавање службена тајна.
Димитровска се товареше дека оддавала службени информации на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и дека ревизорот Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.




