дома Македонија Сиљановска-Давкова е за една изборна единица, Изборниот законик тест за политичките партии

Сиљановска-Давкова е за една изборна единица, Изборниот законик тест за политичките партии

Една изборна единица е добро решение, изјави вчера претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова со што практично застана на страната на помалите политички партии.

Во телевизиско интервју, Сиљановска-Давкова рече дека иако ова решение е ретко, сепак добро да се примени кај нас.

– Дали го има во две или три држави, но сепак добро е да го има кај нас затоа што во разни изборни единици со различен број гласови се победува. Гласот треба да има иста тежина, рече Сиљановска-Давкова за Канал 5.

Една изборна единица е барање на помалите партии. Левица со ова барање настапи во повикот за средба до опозициските партии којашто требаше да биде посветена на усогласување на ставовите околу Изборниот законик, но не се реализираше поради отсуство на опозициската СДСМ.

– Одбивањето на координација претставува директно пропуштање на можноста власта да биде обврзана да прифати заеднички опозициски став. Особено симптоматично е што партијата која со години тврдеше дека се залага за една изборна единица, денес одбива дури и да седне на маса за да разговара за таква реформа. Ако и понатаму се за една изборна единица, тогаш што ги спречува да учествуваат во разговорите? Ако повеќе не се, нека имаат доблест да им го кажат тоа на своето членство. Неодговорно е што ваквиот пристап ги продлабочува поделбите меѓу опозициските субјекти токму во момент кога постои реална можност за заедничко дејствување. СДСМ со своето одбивање не ја казнува Левица, туку ја пропушта можноста опозицијата да настапи усогласено и да издејствува подобри изборни правила, реагираа од Левица по одбивањето на СДСМ да присуствува на средбата.

За СДСМ, пак, поспорно во Изборниот законик се моделите за гласање на дијаспората, што од друга страна се црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ се сомнева во изборни манипулации со електронското или гласањето по пошта на дијаспората. Велат не се против тоа дијаспората да гласа бидејќи таква можност има и сега, но дека можни се манипулации со овие два вида гласање. Предлгаат да не се брза и за ова решение да понуди експертски тим.

За ВМРО-ДПМНЕ, гласањето на дијаспората е црвената линија. Оставаат за се да се договори опозицијата, само да се прифати предлогот за електронско или гласање по пошта на дијаспората.

Претседателката на државата нагласува дека според Уставот, избирачкото право, без разлика дали е активно или пасивно, се врзува со државјанството. Според неа, во Изборниот законик има чудно решение, кое ја дискриминира дијаспората.

– Најголем број држави на светот ѝ дозволуваат на дијаспората да гласа. На прсти може да се избројат, можеби две, што не дозволуваат дијаспората да гласа, а има една или две држави во кои, по истек на 10 години, не може дијаспората веќе да гласа. Но она што е чудно кај нас е што на локални избори гласа дијаспората, тоа е непознат феномен, изјави вчера Сиљановска-Давкова.

Вели добро е да има консензус за Изборниот законик. Но, прашањето што се наметнува е како да се постигне тој кога секој стои на своето.

И додека секоја партија си го одработува своето, Македонија ја пропушти можноста да го донесе Изборниот законик и да исполни уште едно реформско барање од Европа, а со тоа да изгуби и европски пари, вели претседателката Гордана Сиљановска- Давкова.

 

ПредходнаБез вода дел од Гази Баба
СледнаТренчевска- Колегите од мнознството се охрабрени од нивниот претседател да ја навредуваат опозицијата