„Да не беше трагично, обвинувањето на премиерот за пропаднатиот обид за измени на Изборниот законик ќе беше смешно. Значи ова не е само невистина, ова е брутална, безобразна манипулација која ја потценува интелигенцијата на секој граѓанин! И најстрашното, најтешкото од сè е што целата оваа манипулација ја плаќате вие, граѓаните, од вашиот сопствен џеб, додека тие ве лажат во очи“, изјави во своето гостување во Телма ТВ претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.

„Дозволете да ја соголам оваа лага точка по точка, бидејќи сè е објавено на интернет, а и вашата редакција тоа јасно го има документирано: Во нивната сопствена Програма за работа на Владата за 2025 година, еве на страна 22, јасно стои: Итни измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР со рок – март 2025 година според Реформската агенда, крајниот рок беше јуни 2025 (лани јуни!), а апсолутниот грејс-период помина на 30 јуни 2026 година“, појаснува Зајкова и прашува каде сме денес.
Зајкова дополнува дека во Министерството за правда сега имаме министер, заменик-министер, државен секретар, шефови на кабинети, советници… сите тие се скапо платени со илјадници евра народни пари.
„Патуваат со дневници, уживаат во луксузни кабинети, имаат на располагање цела државна администрација и – пари добиваат за да не поднесат ниту еден единствен закон цела година! Срамота! И сега кога Европската комисија официјално ни пиша дека ’чекорот не е постигнат’ поради нивната мрзливост, опозицијата им е виновна? Па ова е епско расуло на системот со кое си ги земаа платите, дневниците и привилегиите а ни изгубија 4.2 милиони евра“, заклучува претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
„Тоа е тој врв на лицемерието и најочигледниот доказ за нивното безобразие! Додека тие прават евтини театри и ронат солзи пред камерите за 4 милиони евра за изборите, со сопствената неспособност извадија од устата на народот и фрлија во буниште речиси 170 милиони евра од европскиот План за раст! Биле шампиони, да Ш во Ш, Шампиони во Ш-лигата, инаку вистината е изгубени 4.2 милиони за изборниот законик и уште повеќе од сто други милиони евра“, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова во гостување на Телма ТВ.
Според претседателката на ЛДП, Зајкова, за тие изгубени 170 милиони владејачкото мнозинство не снимало патетични ПР-видеа платени со народни пари, ниту пак свикало лидерски средби.
„Ни прават претстава за пари извадени од џебот на сиромашниот Македонец“, децидна е Зајкова.




