дома Македонија Косовски државјанин насилно сакал да помине граница и да прошверцува дрога

Косовски државјанин насилно сакал да помине граница и да прошверцува дрога

Косовски државјанин е приведен на граничниот премин Блаце откако насилно го преминал преминот со автомобил во кој пренесувал дрога и го довел во опасност животот на царинскиот службеник кој го запрел за детална контрола.
Против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, како и за „спречување службено лице во вршење службено дејствие”, двете казниви според Кривичниот законик.
Царинската управа денеска информира дека на 15 јули, во вечерните часови, на граничниот премин Блаце е сопрен Р.Е. за царинска контрола.
Во моментот кога осомничениот увидел дека еден од царинските службеници ја забележал кесата под совозачкото седиште и посегнал да ја провери, влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го сопре.
Повикана била граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник, по десетминутна потера, му го пресекла патот и тој е приведен.
Осомничениот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при Царинска управа, кое го презеде случајот и по спроведените истражни дејствија поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје.
Во текот на бегството, осомничениот ја фрлил кесата со дрога. По налог на јавен обвинител, дрогата е дадена на вештачење, при што е утврдено дека станува збор за марихуана со тежина од еден килограм. Кај осомничениот е пронајден и нож.
Царинскиот службеник се здобил со лесни телесни повреди, информира Царинската управа.

ПредходнаСладок живот во стилот на „Џорџ и Амал Клуни“: вака сопружниците го поминуваат летото
СледнаЕвропската комисија загрижена за можна злоупотреба на шпионски софтвер во Србија