дома Без филтер Кога пораките за обединување ги засенува погрешниот гостин

Кога пораките за обединување ги засенува погрешниот гостин

Веста за присуството на митрополитот Петар на роденденската прослава на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола веќе отвори една поширока дискусија и наметна општествена, политичка и етичка дилема. Прашањето дали партијата требало или не требало да покани владика е ирелевантно. Напротив, практиката црковни лица да присуствуваат на значајни општествени манифестации е вообичаена, па дури и коректна традиција која може да испрати силни етички пораки.

​Несомнено е дека самиот настан во Битола помина во знакот на конструктивни и благородни изјави. Се зборуваше за единство, заедништво, доверба и подобра иднина за државата. Тој дел од реториката на партијата секако заслужува искрена пофалба и честитки, бидејќи на државава ѝ се неопходни пораки кои ги надминуваат секојдневните ровови. Меѓутоа, токму тука се појавува клучниот контраст – канењето токму на овој претставник на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, свесно или несвесно, испраќа до граѓаните порака поинаква од суштината на зборовите што партиските функционери ги говореа на прославата.

​Зошто? Затоа што кога една политичка партија промовира граѓанско сплотување, повеќе од парадоксално е во почесните нејзини редови да седи човек кој низ децениите стана синоним за раздор, конфликти и поделби. Наместо да биде духовен пастир кој се грижи за своето стадо и ги зближува верниците, тој во континуитет создава немири меѓу сопствениот народ и прави длабок раздор во Синодот на МПЦ-ОА, отворено напаѓајќи ги и конфронтирајќи се со своите браќа владици. Покрај внатрешните црковни превирања, неговиот јавен наратив во медиумите и на социјалните мрежи неретко изобилува со реторика која претставува класичен говор на омраза, што е целосно спротивно на христијанската заповед за љубов, простување и толеранција. Да не го забораваме и долгогодишниот хаос што го предизвика среде македонската дијаспора во Австралија, каде остави судски лавиринти, поделени семејства и длабоко раскарани црковни општини.

​Згора на сè, она што дополнително ја згрозува јавноста и фрла сериозна сенка врз неговиот личносен интегритет, пред сѐ етички, се неговите релации и поврзаноста со докажани законопрестапници и деструктивни радикални структури. Неговото име во јавноста отворено се поврзува и со ликови како Љупчо Палевски-Палчо, човек осуден за најмонструозното убиство во поновата македонска историја. Ваквите релации сосема оправдано создаваат голема нелагодност кај секој чесен граѓанин кога ќе види дека еден таков профил на свештено лице ужива висок општествен и политички третман.

​Токму тука доаѓаме до клучната точка каде што партијата мора да биде конструктивно искритикувана. Ова кокетирање со контроверзниот владика не е изолиран инцидент во Битола. Всушност, станува збор за континуитет. Пред неколку години во Прилеп, претходниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ отиде дотаму што на владиката Петар му додели и награда за животно дело – чин што во очите на народот беше протолкуван како типично лицемерие.

​Поради тоа, неминовно се наметнува прашањето: како може од една страна да се зборува за морал, чесност, правда и обединување, а од друга страна да се става во преден план личност која со години е симбол за раздор и деструкција? Оваа дуалност длабоко го разочарува обичниот човек, верникот кој во Црквата бара утеха, а во политиката доследност и правичност. Не може да се игнорира способноста на народот да види и препознае кога принципите се жртвуваат заради дневнополитички калкулации: тоа земно користољубие меѓу политичарите и одредени црковни лица, внесува перцепција на сталежност, фаворизирање, недопирливост и на одбегнување на одговорност, што кај обичниот човек создава разочарување и незадоволство. Оттука, нејасна е пи-ар стратегијата – зошто партијата која се потпира на задоволството на гласачите, повлекува вакви потези?

​Поентата на оваа критика е конструктивна: партијата направила убав гест што поканила владика и организирала прослава со обединувачки пораки. Но, со тоа што избрале погрешна личност, тие самите ја девалвираат сопствената реторика. Дополнително, со оваа постапка тие му даваат институционален легитимитет на еден контроверзен лик кој внесува поделби во јавноста и кој честопати настапува со јазикот на стигматизацијата.

48 часа.мк/ М.Е.С.

ПредходнаСега како ќе се фалиме: Паднаа мрежите,корисниците во паника
СледнаЕП: Трамп нема да победи во војната со Иран ако оди само со сила