дома Избрано Повторно ли владиката Петар?

Повторно ли владиката Петар?

Македонската јавност во месец мај ја имаше можноста во повеќе наврати да биде сведок на повеќе јавни напади од страна на владиката Петар врз членови на Светиот Синод на МПЦ – ОА. И тогаш Религија мк во својата анализа „Што се крие позади јавните напади на владиката Петар врз членови на Синодот“ – неофицијално откри дека јавниот гнев што Петар го истури против половина Синод на МПЦ-ОА е поттикнат од лични причини, бидејќи неговиот мандат во три клучни институции на МПЦ-ОА му истекува и нема можност да биде реизбран. Нашите извори велат дека на овој начин, со јавни напади и закани кон владици, Петар се обидува да врши притисок и уцени врз владиците за да не биде сменет од позициите на кои сега се наоѓа – пишувавше тогаш Религија.мк.

Веќе на Синодската седница одржана на 26 мај владиката Петар беше променет од член на постојаното синодско тело. На негово место беше избран Митрополитот Струмички Наум, но таа седница беше продолжена и тајно без дополнителни информации за јавноста била затворена на 23 јуни оваа година за што и објави порталот.

Иако јавноста очекуваше соопштение од таа седницата сепак такво соопштение до денес не беше објавено за јавноста.  Според неофицијалните информации, Религија мк дозна дека ништо од јавните барањата кои ги изнесуваше владиката Петар – не му поминало и не било ставено на дневен ред за расправа.

Но, според неофицијалните информации, во очекување на официјално соопштение Религија.мк дојде до информации дека митрополитот Петар успеал повторно да стане член на Архиепископскиот управен одбор.

Доколку овие информации се потврдат со официјално соопштение, неизбежно се поставува едно прашање: зошто повторно токму владиката Петар?

Во изминатиот период нему му завршија мандатите во повеќе црковни тела. Само пред неколку недели заврши и неговиот мандат во работниот состав на Светиот архијерејски синод, по што беа избрани нови членови. Наместо тоа да значи природно завршување на неговото учество во највисоките управни структури, поради истек на доверените мандати, според овие информации, тој повторно се враќа во едно од најважните црковни тела – Архиепископскиот управен одбор.

Зошто повторно токму Петар добил право на повторен мандат во ова важно управно-административно и извршно тело и дали е тоа во согласност на црковниот устав, останува сосема нејасно?

Но она што зачудува е прашањето: Зарем меѓу сите архиереи на МПЦ-ОА нема други достојни, способни и одговорни кои би можеле да ја преземат оваа голема должност? Дали навистина е неопходно истите личности со децении да бидат присутни во сите клучни црковни тела, без да се отвори простор за нови луѓе, нова енергија и поинаков пристап?

Особено внимание привлекува и фактот што, според овие информации, неговото враќање доаѓа по повлекувањето на митрополитот Иларион, иако неговиот мандат сè уште не бил завршен. Тоа отвора сериозни прашања за начинот на кој се носат кадровските решенија и дали зад нив стојат однапред договорени решенија, наместо јасни критериуми и интересот на Црквата.

Овие прашања добиваат уште поголема тежина ако се има предвид дека токму митрополитот Петар во последните години, а особено оваа година во повеќе наврати гостуваше во повеќе медиуми и изнесе незадоволство од функционирањето на МПЦ-ОА, од работата на некои архиереи, а долги години е во центарот на бројни јавни полемики поврзани со управувањето со епархиите во дијаспората, особено во Австралија, како и со прашања поврзани со црковниот имот и начинот на црковното управување. Навистина зачудува како иако тој до скоро беше активен чинител во скоро сите тела, обвинува на нефункционалност?

Јавноста има право да знае кои се причините за ваквите кадровски решенија. Дали станува збор за исклучителни заслуги, за проблеми, или пак за некои други причини? Дали не постојат други архиереи кои можат да ја извршуваат оваа одговорна должност? Или, пак, повторно сме сведоци на концентрирање на влијанието во рацете на истите личности, со оглед што владиката Петар веќе повеќе од 30 години е претседател и на Комисијата за надворешни работи на МПЦ?

Затоа, наместо молк и шпекулации, неопходна е целосна транспарентност. Црквата не смее да остави впечаток дека највисоките функции се резервирани за истите луѓе. Напротив, таа треба да покаже дека се води од начелата на соборност, одговорност, праведност и еднакви можности за сите нејзини архиереи.

Религија.МК

ПредходнаТрамп: 18 американски војници загинаа во војната против Иран
СледнаТокио ги охрабрува мажите да носат шорцеви на работа, жените се жалат на „влакнести нозе“